СОС Детското село се препознава по уникатниот модел, индивидуалниот пристап, квалитетната грижа, имплементираните стандарди и добри услови за живот. Капацитетите за згрижување на оваа организација не се занемарливи, бидејќи згрижуваат голем број на деца на кои што им е потребен топол дом, љубов и грижа.
Ова денес го истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на прославата на СОС Детското село.
Тој истакна дека децата без родители во ништо не се разликуваат од останатите. Единствената разлика е судбината, која што си поиграла со нивните животи. Но, како што рече тука е државата со своите мерки и активности да им помогне на децата без родотели и родителска грижа.
Спасов потенцираше дека децата кои од 18 години се здобиле со статус на деца без родители и родителска грижа имаат права на средства од државата во износ од 180.000 денари еднократна парична помош.
„Исто така децата остваруваат и права на парична помош во висина од 4.000 денари, односно 5.600 денари доколку лицето се наоѓа на редовно школување, право на социјално домување, надомест на трошоците за сместување во студентски дом“, посочи Спасов.
Министерот воедно додаде дека во поглед на работниот ангажман овие лица се вклучени во активните мерки и политики за вработување на Владата, а годинава за прв пат се вработени 34 деца без родители и родителска грижа во државните инстутиции.
Во тој контекст Спасов ги спомена и последните мерки на Владата во насока на унапредување на животниот стандард на социјално ранливите групи и Одлуката секое дете без родителска грижа коешто ќе го напушти домот за згрижување на деца, да добие стан од државата.
„Сите овие права се дадени со цел подобрување на состојбата на децата без родители и родителска грижа, нивно полесно осамостојување и вклопување во социјалната средина. Тешко е сам да се направи првиот чекор и токму затоа ние како Министерство за труд и социјална политика и како Влада сме тука да им помогнеме да го направат првиот чекор во самостојниот живот“, рече тој и нагласи дека во овие напори голема поддршка добиваат од невладиниот сектор.
На прославата на СОС Детското село која се одржува традиционално секоја година свое обраќање имаше директорот на СОС Детското село Виолета Георгиевска, како и градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
СОС Детското село во Скопје започна да функционира во 2002 година. Денес во селото има 12 семејни куќи и 2 младински куќи каде се згрижени 89 деца и младинци.
Освен во полето на заштита, Детското село е активно и во полето на превентивата во два Советодавни центри кои функционираат во рамките на општините Гази Баба и Шуто Оризари.