Развојот на мобилни апликации, развивање и тестирање на прототип производи и услуги за приватниот сектор се дел од активностите кои ќе се реализираат во рамки на новиот регионален центар за социјални иновации.
Новиот центар кој е отворен во рамки на соработката меѓу Факултетот ФИНКИ и УНДП ќе го забрзува процесот на инкубација на новите технолошки решенија, но и ќе ги развива јавните услуги за решавање на социјалните проблеми на граѓаните, на локално и глобално ниво.
Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски истана дека овој пилот проект кој ќе започне од понеделник и ќе трае една година, се совпаѓа со владините определби за поттикнување и поддршка на иновациските активности.
„Отворањето на регионалниот центар за социјални иновации ќе значи дополнителен поттик за претприемачкиот и иновативен дух, развој на иницијативноста и самоиницијативноста, современо спојување на теоријата и праксата, креирање нови работни места и подигнување на животниот стандард“, посочи Ристовски.
В.д. постојаниот претставник на УНДП за Македонија, Алесандро Фракасети посочи дека центарот е наменет за промоција на иновативни ИТ решенија за социјално-економски проблеми во регионот.
„Неговото мото е што поголемо искористување на технологијата во решавање за општествените предизвици и за унапредување на човечкиот развој“, истакна Фракасети.
Новиот центар воедно ќе цели кон поттикнување на одржливи бизниси кои ќе генерираат нови вработувања, а на младите ќе им се овозможи да стекнат почетно работно искуство и вештини со кои и биле поконкурентни на пазарот на трудот.
Надлежните очекуваат вклучување од институциите, приватниот сектор, граѓанските асоцијации и сите оние кои се заинтересирани за воведување иновации и напредни технологии.