Комисијата за утврдување предлог за национален уметник, по разгледувањето на пристигнатите предлози одлучи дека реномираниот естраден уметник со богата повеќедецениска светска кариера, Есма Реџепова-Теодосиевска ги исполнува критериумите утврдени со Законот за националниот уметник.
Mинистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска соопшти дека Комисијата за утврдување предлог за национален уметник, во состав: Стојан Стојков – композитор, Данчо Чевревски – професор на Факултетот за драмски уметности, Влатко Стефановски – музичар, академик Луан Старова и академик Васко Ташковски, по разгледувањето на пристигнатите предлози на конкурсот објавен во април годинава, одлучи дека реномираниот естраден уметник со богата повеќедецениска светска кариера, Есма Реџепова-Теодосиевска, ги исполнува критериумите утврдени со Законот за националниот уметник и предложи титулата „национален уметник“ за 2013 година да и се додели токму нејзе.
„Есма Реџепова-Теодосиевска во последните децении се етаблираше во сите европски и светски центри и ја промовираше македонската култура во меѓународен контекст. Таа, како што е наведено во образложението на Комисијата, е своевиден бренд на Република Македонија, уметник кој заслужува признание од ваков ранг“, истакна Канческа-Милевска.
Во текот на своите 55 години активно музицирање, Реџепова-Теодосиевска учествувала на врвни музички фестивали и манифестации низ светот, со што даде голем придонес во афирмирањето на македонската култура и традиција надвор од нашата држава. За време на својата 55-годишна кариера, има остварено повеќе од 12 000 солистички концерти во Република Македонија и надвор од неа. Во нејзината дискографија се наведени 15 албуми за домашни и странски продуцентски куќи, а остварила соработка со еминентни музички светски имиња.
„Во оваа пригода уште еднаш ќе потсетам дека со оглед на тоа што оваа титула претставува најзначајно признание во културата, критериумите дадени во Законот за национален уметник несомнено се строги, но се реални, мерливи, универзални и остварливи. Сметам дека со ваквите критериуми се стимулира врвна комуникација со културните случувања во светот и со присуството и учеството на уметниците од Република Македонија на потврдени меѓународни манифестации и фестивали, стануваме дел од светската културна сцена“, рече Канческа-Милевска.
По интернационално афирмираните уметници, Симон Трпчески и Милчо Манчевски, Есма Реџепова-Теодосиевска е третиот носител на ова највисоко признание од областа на културата.