Со ново истражување до нови мерки за поголема конкурентност на пазарот на трудот

Резултатите и препораките од истражувањето „Премин на младите мажи и жени на пазарот на трудот“ ќе покажат кон што институциите треба да се насочат за полесно вработување и конкурентност на младите на пазарот на трудот.

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, посочи дека Владата одамна го има детектирано проблемот со невработеноста и преку национални стратегии презема мерки за нејзино намалување.

„Потребно е да се направи преглед на предизвиците со кои се соочуваат младите на пазарот на трудот. На младите за полесно вработување им се пружаат обуки, психолошка поддршка, а тука е и програмата за субвенционирано самовработување. Охрабрува фактот што голем дел од младите кои се вработиле искажуваат задоволство од нивната работа“, истакна Спасов.

Државниот секретар во МОН, Елизабета Тодоровска, истакна дека младите потребно е да бидат образовани и работоспособни, а со тоа и барани на пазарот на трудот.

„Странските инвеститори се повеќе вложуваат во земјава и имаат потреба од стручен кадар. Токму затоа, приоритет број еден се новите образовни профили и воведување на реална, а не фиктивна пракса“, нагласи Тодоровска.

Според статистиката на Државниот завод за статистика, ваквото истражување спроведено на млади лица од 15 до 29 години ќе помогне институциите соодветно да ги насочат политиките на работата на трудот, а со тоа да се спречи одлевање на млади кадри надвор од земјава.

Според истражувањето, 39% од младите по образованието нашле работа за помалку од една година, 12,3% се стекнале со долгорочна работа во период од две години, а вработувањето на 57,6% од младите кои барале долгорочна и задоволителна работа траело над две години.