Во рамките на посетата на Народна Република Кина, претседателот на Владата на Република Македонија г-дин Никола Груевски денес во Пекинг ја посети Кинеската централна болница „Гуанганмен“.
Целта на посетата е да се разгледа можноста и да се обезбеди согласност од страна на медицинскиот центар за обука на наши лекари во оваа респектабилна болница. Обуката ќе се одвива во повеќе специфични медицински сфери каде постои заеднички интерес. Беше постигната начелна согласност за размена како и обука на македонските лекари во Пекинг, која по прецизирањето на деталите би требало да започне кон крајот на оваа или почетокот на следната година. Менаџментот на болницата го запозна премиерот Груевски со врвните перформанси на кинеската болница чиј значаен дел од интересот на работа е развојот на традиционалната медицина, во комбинација со современите методи за лекување и развој на медицинската наука. Премиерот Груевски во разговорите со менаџментот на болницата ги размени искуствата од реформите во здравството, како и реализацијата на проектите во сферата на здравството во нашата држава.
Се разговараше и за модалитетите на менаџирањето на болниците и на клиниките, насочувајќи се кон целта за обезбедување на квалитетна медицинска услуга за граѓаните.
Остварената соработка е дел од заложбата на Владата за размена на искуства и стекнување на искуство и знаења на македонските лекари од врвни научни медицински центри во светот и нивна примена во македонското здравство.
Кинеската болница за традиционална медицина „Гуанганмен“ е основана во 1955 година во рамките на Националната академија за традиционална кинеска медицина. Оттогаш до денес прераснува во една од најреспектабилните болници во Кина и регионот која е дел од Академијата за традиционална медицина која преставува една од водечките болници за традиционална медицина на азискиот континент. Денес тоа е болница каде постои клиничка пракса, научни истражувања и настава, заедно со специјалности во многу сектори од медицината како што се центри за лекување на канцер, дијабетeс и кардиоваскуларни болести. Тоа е исто така и болница каде постои центар за клинички фармаколошки истражувања врз база на методи од традиционалната медицина во Кина. Во рамките на болницата постои центар за обука за оние доктори кои користат западна медицина а кои сакаат да дознаат повеќе за традиционалните напредни методи на лекување. Болницата поседува површина од 86.028 квадратни метри, каде се вработени 1161 луѓе , вклучувајќи 171 професори и асистенти професори. На четири специјалисти од неа досега им биле доделени дипломи и признанија „Алберт Ајнштајн Светската награда за наука”.
Поседува вкупно 28 клинички одделенија, како што се интерна медицина, хирургија, гинекологија, ортопедија, акупунктура, урологија, изолирано одделение за пациенти со хепатитис, клиничка лабораторија за молекуларни биолошки истражувања, лабораторија за имунолошки истражувања. Оваа болницата минатата година имала 2.6 милиони пациенти, а на дневна основа опслужуваат од 9 до 10 илјади пациенти.