„Бело Лето“ – манифестација за урбаниот имиџ на Охрид

Промоцијата на Охрид во летниот период е клучен сегмент за привлекување туристи и токму затоа за прв пат оваа година во Охрид започнува да се организира манифестацијата „Бело лето“, по примерот на повеќето светски туристички центри која ќе ја прошири туристичката понуда како од временски така и од содржински аспект.

„Во областа на туризмот започнува една нова ера, која ние како локална самоуправа заедно со сите надлежни и инволвирани субјекти во овој процес сме подготвени од година во година да ја надоградуваме на повисоко ниво  и како што ќе поминуваат годините така да биде надоградувана и во однос на учесниците и во однос на организацијата“, – истакна секретарот Димитар Спасески.

Манифестацијата „Бела Ноќ“ вклучува работа на угостителските објекти, без ограничување, цела ноќ со намалени цени. Хотелите и приватното сместување ќе даваат соодветни намалувања на цените со цел да се овозможи масовно присуство на Манифестацијата на граѓаните од Р. Македонија и соседните држави.

„За манифестацијата се пријавени над 90 стопански објекти, кои ја даваат поддршката и со своите намалени цени придонесуваат за атрактивноста на Манифестацијата. Низ градот започнавме со делење флаери, па оттука сите гости и граѓани ќе биат запознаени со специјалната понуда која ја нудат угостителите за овој ден, а објектите ќе бидат означени со специјални маркери со износот на попустот кој го нуди соодветниот објект“, – рече Ѓоко Апостолов, претставник на Секторот за туризам и локален економски развој.

Оваа манифестација вклучува промоција на три сегменти од туристичката понуда на Охрид. На плоштадот „Крушевска република“ ќе се промовира руралниот туризам, кај платото на Долна Порта ќе има промоција на занаетчиството и традиционални производи додека на градскиот кеј ќе се промовираат алтернативните форми на туризам.

Манифестацијата „Бело лето“ практично е замислена да го означува почетокот на летната туристичка сезона, па затоа од наредната година ќе се одржува во месец јуни со што официјално ќе го означи почетокот на летото.

Во име на локалната самоуправа, од името на градоначалникот Бакрачески, секретарот на Општина Охрид, Димитар Спасески им се заблагодари на угостителите од градот, на сите оние што се јавуваат како спонзори на оваа манифестација и медиумските покровители за покажаниот интерес и одличната соработка.