Осум талентирани ученици на летен камп на Универзитетот „Џонс Хопкинс“

Осум ученици од 14 до 16 години три недели ќе бидат дел од интернационалниот летен камп на Центарот за талентирани млади на престижниот американски универзитет „Џонс Хопкинс“ во Карлајл, Пенсилванија. Тие се добитници на стипендија од Министерството за образование и наука, која ќе им овозможи од 13 јули до 2 август да посетуваат интензивен курс со врсници од цел свет.

Андреј Патоски, Христијан Босиловски, Сара Дранго, Марко Чаласан, Ангела Митровска, Ѓорѓи Ристески, Мартина Величковска и Петар Христовски денеска ги добија стипендиите од министерот за образование и наука Спиро Ристовски и американскиот амбасадор Пол Волерс.

Минатата година МОН го распиша првиот конкрс за оваа програма за талентирани ученици и на летниот камп беа пратени четворица ученици. На годинашниот конкурс (од 27 февруари до 8 март) се пријавиле 69 ученици, а избраните осум биле најдобри на интервјуто и на тестовите по математика и англиски јазик. Меѓу критериумите на конкурсот се да бидат на возраст од 14 до 16 години,  одличен успех, награди на натпревари и сертификат за солидно познавање англиски.

„Проектот чини  80.000 американски долари, кои во целост ги покрива Министерството за образование и наука,  а се однесуваат на идентификувањето талентирани ученици, превоз, надоместоци за меѓународни ученици на универзитетот „Џонс Хопкинс“ и за регистрација во Центарот за талентирани млади, стипендија за летните програми, ученичко осигурување, набавка на книги и какви било надоместоци за лабораториски или теренски посети за избраните осум ученици“, истакна министерот Ристовски, кој на учениците им посака успешен престој и стекнување нови знаења.

Амбасадорот на САД Волерс им честиташе на учениците зашто универзитетот „Џонс Хопкинс“, рече тој, прифаќа само најдобри студенти. Универзитетот постои од 1876 година, а од 1979 година во него функционира Центарот за талентирани млади.

„Џонс Хопкинс“  е меѓу водечките универзитети во САД, но и во светот, а за тоа зборува и фактот што 34 нобеловци биле студенти или работеле на тој универзитет. Програмата почна со тоа што еден професор, Џулијан Стенли, забележа дека постојат многу талентирани студенти  на кои стандардните програми на универзитетот им се здодевни и отскокнуваа од остатокот на студентите. Така се создаде потреба за креирање специјални програми. Вашиот курс ќе трае три недели, секој ден интензивно, ќе се соочите со многу предизвици во учењето, треба да работите напорно, но во меѓувреме добро е и да се забавувате. Оваа е само една од размените на студенти меѓу Република Македонија и САД и е одлична можност да се запознаете со нови теми и да ги запознаете Соединетите Американски Држави“, им порача американскиот амбасадор во Македонија.

Осумтемина кои за десетина дена ќе бидат во Пенсилванија се возбудени што ќе учествуваат во интернационален камп. Сара Пранго од Битола и  Андреј Патоски  од Прилеп, кои  се ученици во „Јахја Кемал“, изјавија дека стипендијата ќе им овозможи да се надоградат, а воедно и добро да ја претстават Македонија. Марко Чаласан од Скопје и ученик во „Нова“ рече дека се пријавил на конкурсот за да научи нови работи, а  Мартина Величковска од Крива Паланка, ученичка во скопската гимназија „Орце Николов“ ја поттикнале, меѓу другото, и убавите впечатоци на минатогодишните македонски учесници на кампот.