Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, оствари средба со помошникот на генералниот секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика, г-дин Дирк Бренгелман.
На средбата беше разговарано за реформите кои се реализираат во нашата земја, за реализацијата на 14-от циклус од Планот за пристапување во членство на Република Македонија во НАТО (МАП) и за евроатланската интеграција на Република Македонија.
Двете страни изразија позитивна оценка за реализацијата на Планот за пристапување во членство на Република Македонија во НАТО (МАП).
Соговорниците го истакнаа значителниот придонес кој нашата земја го дава во реализацијата на политиките и активностите на НАТО алијансата, при што особено беше потенцирана улогата и достигнувањата на припадниците на Армијата на Република Македонија во меѓународните мисии на Алијансата.
Беше разговарано и за реформите кои се преземаат за модернизација на нашата земја, при што двајцата соговорници дадоа позитивна оценка за истите, како и за унапредувањето на политичкиот дијалог во земјата.
Премиерот Груевски ја акцентираше стратешката определба за членство на Република Македонија во НАТО, и посветеноста и искрената заложба за надминување на предизвиците на тој план.
Притоа, премиерот Груевски го запозна соговорникот со последната иницијатива која од негова страна беше испратена до премиерот на Република Грција за интензивирање и динамизирање на разговорите под покровителство на Обединетите нации околу надминувањето на отвореното прашање меѓу двете соседни земји со цел евроатланска и европска интеграција на нашата земја.
Оваа иницијатива на македонскиот премиер беше позитивно оценета од страна на помошник генералниот секретар на НАТО Бренгелман.
Соговорниците разменија мислења и на други теми во врска со соработката помеѓу Република Македонија и НАТО алијансата.