Оперската ѕвезда Дмитри Хворостовски кој со голем спектакуларен концерт утре ќе го отвори 53-то издание на фестивалот „Охридско Лето“ денес пристигна во Охрид. Заедно со синот Максим беше пречекан од диригентот и негов личен пријател Константин Орбелиан пред хотелот Инекс Горица каде ќе престојуваат наредниве два дена. Хворостовски, во придружба на првите луѓе на фестивалот директорката Елизабета Јанкуловска и селекторите на музичкиот дел Гордана Јосифова Неделковска и на драмскиот дел Ѓорѓи Иванов како и претседателот на УО Зоран Велјаноски Летра, беше примен од претседателот на РМ Ѓорѓе Иванов во во претседателската вила Билјана. Воодушевен од прекрасниот поглед на езерото и градот рече дека глетката е доволна за да се чуствува како во рајот.
„Не ми треба ништо друго. Доволно е ова место за да ја имам врската со бога“, рече славниот уметник кој беше импресиониран од тоа што го слушна од претседателот Иванов, за културното наследство и вековната историја. Хворостовски слушна и за бројните цркви во Охрид, за пастрмката како ендемичен вид, бисерното езеро.
Иванов потенцира дека тука живеат луѓе со отворен ум кои творејќи ја музиката ја создаваат уметноста. Македонскиот претседател на големиот уметник му пренесе дека фестивалот „Охридско Лето“ повеќе од половина век ја слави креативната духовна уметност преку музиката и театарот. На првите луѓе на фестивалот пак им посака среќно и бериќетно издание.
Ѕвездата на годинашното издание на фестивалот Охридско лето, оперскиот пејач Дмитри Хворостовски го повел 10 годишниот син за да ги види убавините на Охрид затоа што претходно слушнал за тоа. Неговиот вечерашен настап на Охридско лето е прв во регионот.