Сарачини пред ЗЕЛС го претстави новиот закон за индустриски-зелени зони

Претставување на новиот закон за индустриски-зелени зони што се наоѓа во собраниска процедура и погодностите што ги нуди за општините беше тема на денешната работна средба меѓу министерот за економија Ваљон Сарачини и претседателот на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на град Скопје, Коце Трајановски.

Министерот на средбата го претстави законот, со цел единиците на локалната самоуправа да бидат информирани за можностите за развој на општините што овој закон ги носи.

„Новиот закон овоможува формирање на индустриски и зелени зони во единиците на локална самоуправа со основна цел да се забрза економскиот развој на општината со привлекување странски и домашен капитал. Од него придобивки ќе имаат и општините, но и компаниите“, изјави Сарачини по средбата.

Тој посочи дека општините со новиот закон ќе добијат можност за самостојно менаџирање и располагање со земјиштето, за економски раст и развој на локалната самоуправа и за зголемување на бројот на нови работни места.

„Покрај единиците на локалната самоуправа, бенефиции ќе имаат и деловните субјекти кои ќе започнат свој бизнис во зоните. Бенефитите дополнително ќе бидат определени со подзаконските акти кои ќе ги донесат единиците за локална самоуправа“, рече Сарачини.

Деловните субјекти, нагласи, градежното земјиште, кое е предмет на оттуѓување во општините ќе го добијат по почетна цена од едно евро за метар квадратен во денарска противвредност.

„Во законот е предвидено основање на зелени зони чија намена е преработка на органска храна и производство на електрична енергија од обновливи извори“, додаде Сарачини. 

Апелираше градоначалниците веднаш да ја почнат процедурата за формирање на индустриски-зелени зони, сами или здружени со некоја соседна општина, и да формираат јавни претпријатија кои ќе ги изградат зоните, ќе ги одржуваат, ќе управуваат со нив и ќе ги понудат на потенцијалните домашни или странски инвеститори. Како успешен пример на функционирање на индустриска зона ја посочи општина Илинден.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на град Скопје Трајановски, истакна дека е добро што имаат можност да го разгледаат законот уште пред неговото донесување и секоја општина посебно да даде забелешки и мислења за да биде поефикасен. Со новиот закон, како што рече, општините добиваат уште една можност да го дадат својот придонес во забрзувањето на развојот на локалната економија и стопанството на целата земја. 

„Создавањето на зелени зони подразбира зони каде има низок степен на загадување, во кои ќе се применуваат напредни технологии кои штедат електрична енергија и ги минимизираат негативните ефекти врз животната средина“, рече Трајановски.

Прецизира дека во зелените зони ќе можат да се вршат дејности од лесна и незагадувачка индустрија, како што се производство на органска храна, на електрична енергија од обновливи извори и производство на база на рециклирање на материјали.

„Со зоните не само што ќе создадеме услови за нови инвестиции и отворање на нови работни места, туку ќе придонесеме за поголема заштита на животната средина, што претставува и еден од приоритетите на целокупната светска економија“, потенцира Трајновски.

Инвеститорите, посочи, ќе добијат можност за инвестиции во нови области каде на транспарентен начин, преку електронска аукција може да си обезбедат земјиште кое е опремено со целата потребна инфраструктура.