Досега околу 550 лица односно ако се земе предвид можноста едно лице да конкурира за повеќе позиции, вкупниот број апликации добиени во рамки на вториот јавен повик за пројавување интерес за ангажирање на раководни позиции во доменот на државната управа изнесува над 700.
Вториот јавен повик за пројавување интерес за ангажирање на 99 раководни позиции, од кои околу 40 – тина на централно, а останатите за подрачни единици, нагласи портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев, ги постигна поставените цели, пројавен е голем интерес од страна на граѓаните и за позициите кои условно кажано спаѓаат во вториот или третиот ешалон, но и за позиците на регионално ниво.
„Најголем интерес е покажан за објавените 15 – тина позиции за организаторски директор во Универзитетските клиники. За секоја од овие позиции има во просек од 25 до 30 апликации. Бројот на апликации за медицинските директори е помал, но има добар интерес, затоа што постојат поконкретни услови и специфики кои што треба да бидат исполнети“, изјави Ѓорѓиев.
Околу 30 апликации по позиција се пристигнати и за позициите за секторските директори за финансиски прашања и за трезор во Фондот за здравствено осигурување. Исто толку граѓани се пријавиле на конкурсот за директор на ЈП за државни патишта, на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, извршен директор на македонска навигација, секторски директор на МЕПСО…
Според владиниот портпарол покажан е добар и соодветен интерес од страна на граѓаните и за позициите кои се во рамки на вториот и третиот ешалон и најчесто покриваат регионален аспект, а каде што беа и ставени и подрачните единици на Македонски шуми, на Агенцијата за вработување, на Управата за имотно-правни работи, за матична евиденција, на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Просечно може да се каже дека по единица објавена позиција што значи подрачна единица, интересот варира помеѓу 10 и 20 за секоја од објавените позиции“, рече Ѓорѓиев, истакнувајќи оти Владата позитивно го оценува и овој втор оглас, исто како и првообјавениот, како дадена шанса на еднакви можности.
Во текот на идниот период, најави тој, во соодветна процедура ќе бидат разгледани пристигнатите апликации, а потоа во неколку фази ќе бидат спроведувани интервјуа со кандидатите.
Инаку, во рамки на првиот оглас, најголем дел од постапките се завршени во прва фаза, направена е селекцијата на кандидатите кои одат во втора фаза и се очекува тие да бидат интервјуирани за конечен нивен избор.