На програмата на Охридско лето денес со почеток во 21:00 ч. во Света Софија, концерт на светскиот виолончелист Антонио Менезес кој заедно со Олга Задо, една од најперспективните пијанисти од нејзината генерација ќе изведат дела на Шуман, Брамс, Франк.
„Во изминатите неколку фестивалски изданија во црквата Света Софија настапија најелитните челисти на денешницата. Во фестивалската историја се запишаа имињата на Александар Рудин, Наталија Гутман, Давид Герингас, Миша Мајски, Моника Лесковар, Ксенија Јанковиќ. Минатогодишното фестивалско издание беше затворено со настапот на изворедниот Енрико Диндо, кој зад себе остави концерт за паметење. Оттука се потешко станува да се најде челист кој што ќе остави уште поголем уметнички впечаток од неговиот претходник. Но потрагата по најдобрите, најуспешните преставува основна определба и голем предизвик и токму затоа ми преставува голема чест што оваа година фестивалската публика ќе има можност да ужива во изведбите на еден од најбараните изведувачи на виолончело на денешницата, Антонио Менезес“, вели селекторот на музичкиот дел на Охридско лето Гордана Јосифова Неделковска.
Антонио Менезес е роден во Бразил, во семејство на музичари. Студиите по виолончело ги започнува на 10 годишна возраст. Првата награда ја освои на ARD International Competition во Минхен во 1977 година, а ги освои првата награда и златниот медал на натпреварот „Чајковски“ во Москва во 1982 година. Од тогаш тој има славна меѓунардна кариера.
Настапувајќи редовно во големите музички центри низ Европа, Америка и Азија, Менезес има изведувано со повеќето водечки оркестри во светот, меѓу кои и Берлинската филхармонија, Лондонската симфонија, Концертгебау, Њујоршката филхармонија, Израелската филхармонија и НХК Симфонијата од Токио, соработувајќи со еминентни диригенти како Фон Карајан, Абадо, Ростропович, Мути, Јарви (Нееме) и , Андре Превин, Мстислав, Јуриј Темирканов, Владимир Спиваков, Нееме и Џонсонс.
Како посветен камерен музичар, Антонио Менезес беше член на легендарното Beaux Arts Trio помеѓу 1998г. и 2008 г. Исто така тој соработуваше со квартетот Vermeer на турнеи, а имаше и рецитали со истакнати пијанисти како Менахем Преслер, Жерар Вис и Марија Жоао Пирес.
Меѓу значајните снимки се двата компакт дискови со Берлинската филхармонија и Херберт фон Карајан (Штраус: Дон Кихот и Двојното Кочерто на Брамс со Ане-Софи Мутер), и комплетниот циклус на Бетовен со Менахем Преслер. Менезес држи мастер класи во Европа, Америка и Јапонија, а исто така предава на Конзерваториумот во Берн.
Олга Задо е победник на меѓународните натпревари „Владимир Хоровиц“ и „Сергеј Прокофјев“, таа исто така ја освои и специјалната награда „Тереза-Дусот“ на меѓународниот натпревар Владимир Крајнев“.
Олга Задо веќе настапува со оркестри, во соло рецитали, како и со меѓународно признати уметници, како што е виолончелистот Антонио Менезес, во големи концертни сали и места низ Европа.
Во ноември 2012 година, Олга Задо го имаше своето деби со Манхајмската филхармонија, а следно, потоа, таа беше поканета од оркестарот да земе учество како резидентен уметник за време на сезоната 2013/14 година.
Олга Задо доби стипендии од различни фондации: Добротворниот фонд на Владимир Спиваков“ (Русија), „Апогеј“ (САД), музичката асоцијација „Легато“ (Берн) и Швајцарскиот фонд „Лира“.