Одличен старт на Јуниорите, Македонија заслужено победи против Унгарија

Со водство во текот на целиот натпревар и постојана контрола врз случувањата и резултатот, јуниорската репрезентација на Македонија заслужено ја совлада Унгарија со 76-64 остварувајќи посакуван старт на Првенството во Струмица.

Со малку поени и цврсто во одбрана се играше на почетокот на средбата, но петте поени во низа на Кристијан Николов донесоа прво поопипливо водство за Македонија. Андреј Магдевски играше одличeн натпревар, а со неговата тројка пред крајот на првата четвртина, нашата репрезентација за прв пат поведе со двоцифрени 20-10. Тешко успеваше Унгарија да најде одговор за квалитетната одбрана која избраниците на Мирза Куртовиќ ја играа во тоа прво полувреме и Македонија заслужено водеше на полувреме со 35-22.

Ротираше Куртовиќ во второто полувреме користејќи ги сите кошаркари во делови од натпреварот, а Магдевски и Николов добија одлична поддршка од Митров, Нацевски и Младеновски што се однесува до реализацијата. Добра работа вршеа и сите останати кошаркари во одбраната, па со тоа што Унгарија во ниту еден момент до крајот не успеа да се приближи, нашата репрезентација со сигурна игра го доврши натпреварот за посакуван триумф од 76-64.

Со 23 поени, 9 скокови и 7 асистенции, Андреј Магдевски беше најефикасен кошаркар во нашиот тим, додека со двоцифрен број на поени завршија уште Николов, Митров и Нацевски. Младеновски и Двојаковски уште се запишаа во листата на стрелци, на натпреварот каде сепак тимската игра беше решавачка за конечниот исход.

„Тешко беше да се издржи притисокот од првиот натпревар и императивот кој го имавме за победа“, изјави селекторот Мирза Куртовиќ по мечот.

„Презадоволен сум од играта и залагањето на целиот состав и мислам дека заслужено победивме. Сигурно дека поослободени ќе влеземе во секој нареден натпревар и мислам дека допрва ќе доаѓа нашето најдобро“, продолжи селекторот.

Утре нашата репрезентација е слободна, додека во сабота се среќаваме со репрезентацијата на Данска. Натпреварот е закажан за 18:45 часот и ќе се игра во салата „Парк“ во Струмица.