За Трпејца, со љубов – Културно забавно лето во Трпејца „На зајдисонце“

Утревечер во Трпејца на свечен начин ќе биде отворено второто издание на Културно забавното лето „На зајдисонце“. Организатор е Здружението за промоција и развој „За Трпејца со љубов“ поддржано од месната заедница од Трпејца, а покровител на манифестацијата е Општина Охрид.

„Општина Охрид секогаш ќе ги поддржува културните манифестации во Охрид. Тие се дел од севкупниот развој на градот. Така, оваа година сме главни покровители на културно – забавното лето „На зајдисонце“ во Трпејца“, – истакна Секретарот на Општина Охрид, Димитар Спасески.

Спасески потенцираше дека со вакви манифестации Општина Охрид сака културните збиднувања да стигнат во секое катче во руралните средини.

„Лани група ентузијасти, најголем дел со потекло од Трпејца се собравме и одлучивме да формираме здружение и една од нашите активности да биде организирање на културно- забавно лето во селото. Првото издание ги надмина сите наши очекувања и со содржините беше полн погодок. Тие беа подеднакво интересни за туристите и жителите на Трпејца“, – вели претседателката на здружението Нина Момировска. 

Во име на Здружението за промоција и развој „За Трпејца со љубов“ се обрати Милчо Јованоски.

„Годинава програмата ја надградивме со настани кои за туристите ќе значат активен и алтернативен одмор. Честа да настапи на отворањето ја има ансамблот „Билјана“. Тие  ќе ја имаат втората промоција на своето прво ЦД „И ние сме деца на Македонија“, а ексклузивно ќе изведат и песни кои ќе се најдат на второто ЦД кое на пазарот би требало да се појави есенва.  Претходно ќе  биде отворена изложба на дела од Мајкл Клос академски сликар од македонско потекло кој живее и работи во Канада. Во светски рамки тој е познат и како дизајнер и сценограф работејќи на филмови и телевизиска продукција“, – открива Милчо Јованоски член на здружението и негов портпарол. 

Во следните осум вечери во Трпејца  ќе следат  настапите на наградени ученици од ОМУ „МетодиПатче“ во рамки на Вечерната променада СО КАЈЧЕ ПО ЕЗЕРОТО, концертот на детскиот хор „Распеано ѓерданче“ при КУД „Бисери“, омажот за уметникот- сликарот  Димитар Кондовски, човекот кој пред околу триесеттина години прв ја откри Трпејца и го доведе уметничкиот свет во неа. Дваесет годишнината од неговата смрт ќе биде одбележана со прикажување на неговиот ТВ портрет емитуван своевремено на МТВ и изложба на фотографии дело на неговиот син Филип Кондовски.За првпат ова лето три дена ќе биде организирана Креативна работилница по уметност, раководена од Менка, Александра и Мелани Клос. Во Трпејца ќе биде промовирано мултимедијалното ЦД „Македонските овошни приказни во стих “ од охриѓанката Весна Пирузева – Петровска, а ќе биде отворена и еднодневна изложба и презентација на етнолошки предмети од Трпејца. Во забавно – едукативниот дел и годинава ќе продолжат Работилницата по англиски јазик и школата за пливање,  а ќе се организира и Школа за шах. Планирана е мини регата на кајакарите – членови на КК „Рибар “ од село Трпејца, која од годинава ќе го носи името на покојниот основач и прв тренер на клубот Номче Митрески. Манифестацијата „На зајдисонце “ во Трпејца ќе го организира настанот „Рибарски вистини“ со мини изложба на риболовен алат кој се користел низ вековите во Трпејца, стари рибари ќе зборуваат за своите рибарски авантури, а за атракција со богат фонд на награди ќе биде организиран и натпревар во ловење риба со јадица од брегот. Здружението „За Трпејца со љубов“ ја продлжува соработката со Нуркачкиот центар „Амфора“. Деновиве ќе биде промовиран „Заливот на прчот“ а во соработка со Националниот парк „Галичица“ ќе биде промовирана и рекреативната патека „Чоколско“ во близина на селото Трпејца. Сите активности и настани се бесплатни за учесниците и настаните ќе се одржуваат под ведро небо на импровизираната сцена КАЈ БУНАРОТ и на бисерната плажа во Трпејца.

WebOhrid