Министерот за здравство, Никола Тодоров, потпиша заеднички меморандум за разбирање и соработка во областа на здравството со д-р Хакан Таракчиоглу, интернационален маркет менаџер на реномираната турска клиничка болница Флоренс Најтингел. Целта е допрецизирање на активностите за организирање едукација на докторите и другите здравствени работници во оваа реномирана здравствена установа, што се реализира во рамки на Програмата за професионална едукација на докторите од Република Македонија.
Со овој Меморандурандум се дефинира континуираната медицинска едукација во следните 5 години, со акцент на доедукација на кадар и организирање стручни обуки за доктори и останат медицински кадар од Македонија во повеќе области од медицината, како што се: интерна медицина, хирургија, педијатрија, гинекологија, анестезиологија, неврохирургија, офталмологија, радиотерапија и радиологија, дерматологија и др.
Во моментов, во болницата Флоренс Најтингел, Истанбул, Турција, се реализира едукација на 11 здравствени работници од Македонија од областа на ендокринологија (дијабетологија), гинекологија и акушерство, инфектологија, оториноларингологија, како и едукација од областа на перфузиона сцинтиграфија на мозок и едукација од област на хематолошки анализи.
Целта на едукациите е да се овозможи оптимална искористеност на новата медицинска опрема и давање квалитетна здравствена услуга (магнетна резонанца, компјутеризирана томографија, дигитални и аналогни мамографи, ултразвук и сл) за примената на посложени интервенции, кои во моментот недоволно се работат во Република Македонија или за истите интервенции, пациентите се упатуваат надвор од Република Македонија во соодветни референтни центри.