Учество на 42 младинци од 6 европски земји на младинска размена „Second Chance“

Вчера во Охрид пристигнаа 42 младинци од 6 европски земји: Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Романија и Италија и тука ќе ги поминат наредните 9 дена. Тие ќе земат учество на младинската размена „Second Chance“ финансирана од страна на Европската Комисија од Брисел преку програмата Млади во Акција за време на 9-те дена кои ќе ги поминат во Охрид. Овие младинци ќе имаат можност да научат нешто повеќе на теми поврзани со заштита на животната средина со посебен акцент ставен на реупотреба на веќе користени работи и рециклажа. Тие исто така ќе имаат можност да ги претстават своите земји, својата култура преку таканаречените национални забави.

„Ваквите младински размени придонесуваат младите без разлика од тоа од каде доаѓаат, да се обединат, да создадат долговечни пријателства и заедно да учат на теми од нивен интерес. Среќни сме што градот Охрид е домаќин на ваков настан и што 42-та присутни учесници ќе имаат можност да ги запознаат убавините на Охрид, историјата, културата, традицијата. Ова е прекрасна можност и за промовирање на она што Македонија го нуди.“ – истакна Стефан Младеновски.

На последниот ден од размената ученици од Охрид ќе бидат вклучени во креативна работилница каде што заедно што учесниците ќе имаат можност да им дадат втора шанса на веќе употребените работи и од нив да создадат држачи за моливи, украсни вазни, разгледници, честитки, кутии за подароци и сл.