„Во железничката инфраструктура во изминатите десет до петнаесет дена се придвижија многу работи. Се работи за повеќе проекти со вкупна вредност од околу 110 милиони евра“, истакна премиерот Никола Груевски.
Одговарајќи на новинарско прашање за инвестициите во железница, Груевски истакна дека еден од најсвежите примери е проектот за набавка на вагони, како товарни така и патнички односно 150 товарни вагони во износ од 15 милиони евра како и шест сетови на патнички вагони во вредност од 25 милиони евра. Според него, има уште еден дел за реконструкција на железницата во рамки на овие 50 милиони евра.
„Исто така 2,5 милиони евра е реконструкцијата на железничката станица во Скопје, која практично никогаш досега не е реконструирана од кога е изградена. Можеби и еден од круцијалните проекти е првата фаза од железницата кон Бугарија, а тоа е Куманово – Бељаковце, за која што веќе се распиша тендер за изведба и се распиша тендер за проектирање на втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка“, појасни премиерот Груевски.
Сите проекти заедно и проектот за реконструкција на уште една делница во оној дел накај Неготино, информира тој, изнесуваат околу 110 милиони евра, договори потпишани во изминатите десет – петнаесет дена.