Страшо Темков – флејта и Марија Вршкова – пијано, вечерва на програмата на „Охридско Лето“

Вечерва со почеток во 21:00 часот, на програмата на „Охридско Лето“ во предворјето на црквата Св.Софија се двајца македонски уметници, Страшо Темков – флејта и Марија Вршкова – пијано.

Страшо Темков е еден од најуспешните македонски музички уметници од својата генерација. За време на студиите на Факултетот за музичка уметност во Скопје и последипломските студии на Музичката Академија „Панчо Владигеров“ во Софија соработува со реномираните уметници и педагози од Македонија и Балканот и добива повеќе награди на државните и меѓународните натпревари. Подолг период е прв флејтист во Македонската Филхаромонија, а остварува и бројни солистички и камерни настапи на концертните подиуми: со оркестри, со рецитални програми, како учесник на реномираниот Македонски дувачки квинтет и други камерни состави. Страшо Темков настапува на познатите фестивали во земјава и странство: „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Денови на македонска музика“, НИМУС – Србија и др., вбројувајќи се меѓу малкуте македонски уметници кои настапиле во Карнеги-хол – една од најпрестижните светски концертни сали. Страшо Темков има издадено два компакт диска со разновиден репертоар. Покрај уметничката дејност, тој активно се бави со педагогијата како професор на Факултетот за музичка уметност – Скопје.

Марија Вршкова се вбројува меѓу најактивните и сестрани македонски музички уметници од помладата генерација – како солист, камерен музичар, пијано соработник кој настапува со врвни македонски и светски уметници на концертните и фестивалските подиуми во повеќе еввропски земји и САД. Покрај бројните CD-a како пијано соработник, го снимила и своето прво солистичко CD со македонска музика за пијано. Марија Вршкова е добитник на наградата за специјално уметничко достигнување како пијано соработник на интернационалниот натпревар „Охридски бисери“ и наградата „Виртуози“ за најдобриот изведувач во 2012 година.