Со два милиона евра поддршка од владите на Германија и Швајцарија, Македонија ќе ја продолжи Програмата за регионален економски развој (ГИЗ РЕД) уште две години, од јануари 2013-та до декември 2014-та.
Ова денеска го официјализираа вицепремиерот Владимир Пешевски, амбасадорите на Германија и Швајцарија, Гудрун Штаинакер и Стефано Лазарото, министерот за локална самоуправа Тахир Хани и директорот на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) Џејмс Макбет Форбес, со потпишување Спогодба за спроведување на Програмата.
Обезбедување поголема ефикасност при спроведувањето на законската и институционалната рамка за рамномерен регионален развој, јакнење на капацитетите за регионално управување и регионален менаџмент во сите осум плански региони, како и подобрување на деловното опкружување преку обезбедување грантови за компаниите, се основните цели на предвидените активности во наредниот период. За нивно што поуспешно спроведување, беше речено, е неопходна ефикасна хоризонтална и вертикална институционална координираност на национално, регионално и локално ниво.
„Владата се залага за унапредување на развојот на сите региони во земјата. Рамномерниот регионален развој помага во создавањето еднакви можности за раст на економијата, креира нови вработувања, го подобрува образованието и обезбедува подобар животен стандард“, истакна Пешевски пред потпишувањето на Спогодбата.
Рамномерниот економски раст меѓу регионите, нагласи вицепремиерот, Владата настојува да го оствари со помош на соодветен фискален систем и инвестиции во повеќе сфери, инфраструктурата, училиштата, спортските објекти, болниците,…
Според министерот Хани, рамномерниот регионален развој ќе биде уште поефикасен ако паралелно со реализацијата на буџетските средства за оваа намена, се искористуваат и европските фондови.
„Затоа ни е неопходна поширока координација на хоризонатлано и вертикално ниво, меѓу сите надлежни институции, општините, граѓанскиот и бизнис секторот, што е и една од главните цели на проектот“, истакна Хани.
Буџетските средства за рамномерен регионален развој се уште се ограничени, додаде, но дијалогот меѓу централната и локалната власт на оваа тема е отворен. – Со квалитетни регионални програми можеме да се избориме за поголеми буџетски средства и да ги искористиме можностите од меѓународната донаторска заедница, рече министерот и изрази очекување дека во наредните пет години регионалниот развој ќе стане евиденнтен и ќе ја приближи Македонија до стратегиските цели што треба да се заокружат до 2019-та.
ГИЗ РЕД Програмата почна во 2008 година со 5,6 милиони евра поддршка од Германската влада. Сега, со дополнителни 1,6 милиони се вклучува и Владата на Швајцарија па вкупниот буџет достигна 7,2 милиона евра.
Рамномерниот регионален развој, како што објасни вицепремиерот Пешевски одговорајќи на новинарско прашање, е комплексен и долг процес насочен кон намалување на диспаритетите во и меѓу планските региони. За негово успешно спроведување е формиран посебен Совет преку кој Владата ги координира дефинираните политики, земајќи ги притоа предвид пошироките социо-економски, демографски и културни апсекти.