Нова брилијантна игра со контрола врз случувањата на теренот и резултатот во сите 40 минути прикажаа избраниците на Мирза Куртовиќ, за заслужена победа над Холандија од 69-55 и пласман во полуфиналето на ЕП во Струмица.
Доминираа под кошевите и на овој натпревар нашите репрезентативци, предводени од одличниот Љубомир Младеновски кој го заврши натпреварот со 13 поени и 9 скокови. Кристијан Николов и Андреј Магдевски повторно беа носители на играта однадвор, која функционираше според планот, а двајцата наши бекови искомбинираа 39 поени, 9 скокови, 7 асистенции и 5 украдени топки. Како и на натпреварот вчера, тимската игра беше повторно на највисоко ниво и клучна за конечниот исход на натпреварот.
Младеновски одлично го почна натпреварот со неколку добри игри во напад, но и во одбрана, а со приклучувањето и на бековската линија, нашата селекција уште во втората четвртина поведе со двоцифрена разлика (22-12). Во продолжението, па до крајот, постојано предноста на нашите репрезентативци се одржуваше околу 10 поени, а Холандија и покрај тоа што знаеше резултатски да се доближи, ситуацијата на теренот изгледаше дека нашите кошаркари ја имаат контролата. Беше 51-46 за Македонија на почетокот на последниот период, но неколкуте добри игри во одбрана и брзите контра напади, повторно ни донесоа двоцифрена разлика, која знаевме да ја задржиме за апсолутно заслужен триумф од 69-55.
Со оваа победа, Македонија се пласираше во полуфиналето на Европското Првенство, а противникот ќе го добие по одигрувањето на останатите две средби вечерва. Кој и да е противник, Македонија ќе го игра својот полуфинален меч во салата „Парк“ во Струмица во сабота од 18.45 часот.
Пласман во А-дивизијата обезбедуваат првопласираните три репрезентации на турнирот, на кој настапуваат вкупно 22 селекции. На Македонија за тој успех потребна и е уште една победа во двете следни средби.