Трајкоски: Во наредниот период темпото на работа ќе биде уште посилно и побрзо, а делата побројни

Градоначалникот на општина Дебарца по повод сто дена од неговиот мандат како градоначалник на општината, денеска одржа прес-конференција во административната зграда во с.Белчишта. Трајкоски даде отчет за досегашните сработени активности на општината и реализирани проекти и најави дека во иднина ќе работи со засилено темпо, се со цел решавање на проблемите со кои што жителите на општина Дебарца се соочуваат. 

„Со моето назначување за градоначалник  наидов на безброј проблеми меѓу кои како најголеми ќе ги спомнам  слабата вработеност, лошата инфраструктура низ општината, неадекватните услови за образовна дејност, стари и дотраени водоводни мрежи, неискористени ресурси за туризам и туристички дејности, неискористување на фондовите кои ќе допринесат за полесна земјоделска дејност на жителите на општина Дебарца, слаба медиумска покриеност и уште многу други работи. Токму тука го пронајдов својот мотив и енергија за целосна посветеност кон подобрување на севкупните дејности со кои се соочуваат жителите“. – истакна градоначалникот Трајкоски.

Како што рече градоначалникот Трајкоски со изминувањето на стотте дена од неговиот мандат успеа да наметне темпо на работа со кое целосно им се посвети на жителите, но покажа и докажа дека Се може ако се сака, дека делата се пред зборовите.

„Токму поради тоа започнавме со воведување на отворени денови за жителите на општина Дебарца преку кои со взаемна комуникација се скенираат и решаваат проблемите на жителите.За подобра и поефикасна комуникација и брз пристап до информации од Општина Дебарца по прв пат се воведе  официјална web-страна www.debarca.gov.mk. Голем императив претставува и средба со најмладите од ОУ Дебрца за кои за прв пат беше отворена канцеларијата на Градоначалникот. Знаејќи ги нивните потреби реализиравме проект изградба на ново монтажно училиште во с. Волино  во кое  учениците практично ќе добијат најквалитетни услови за извршување на образовниот процес“. – потенцира Трајкоски.

Градоначалникот Трајкоски го спомна и  ветеното стипендирање на најдобрите 20 ученици од општина Дебарца каде што од први септември како што рече ќе бидат доделени 20 стипендии за најдобрите ученици за што во наредните денови ќе биде распишан конкурсот за стипендирње и секоја учебна година ќе се практикува истата мерка со цел да се мотивираат учениците за поголем успех.

Во доменот на локалната инфраструктура на Општина Дебрца во изминативе сто дена реализирани се следниве проекти: Локалната самоуправа отпочна со асфалтирање на улици во с. Ботун, најавувајќи модернизација на патната инфраструктура и асфалтирање на локални улици во с.Песочан, с.Лешани и други населени места во Општина Дебрца. 

Се направи санација на ударни дупки во сите населени места во општина Дебарца. 

„Она што во оваа прилика сакам да го истакнам е најавата на инвестиции во асфалтирање на локални улици во  вкупен износ 6.000.000,оо денари со што на жителите на општина Дебарца целосно ќе им се подобри инфраструктурата“. – додаде Трајкоски.

Трајкоски најави поставување на канализациона мрежа во с. Мешеишта, и изградба на регионален колектор за отпадни води кои ќе ги поврзува селата Климештани, Мешеишта, Волино, Требеништа и Горенци, а склучен бил договор за санација на изворите во с.Велмеј.

„Во доменот на културата како што кажа Трајкоски продолжуван со традиционален културен настан, интернационалната уметничка колонија „ДЕБРЦА“ – с. Белчишта преку која  се овековуваат убавините на општината со уметнички приказ. Добивање на проект од ИПА прорамата на ЕУ преку Министерството за Животна Средина, со кој ќе се зајакнат институционалните капацитети  на општина Дебарца во однос на животната средина, бидејќи и самата општина преставува еколошки чиста средина. Поставувањето на Јарболот со Македонското знаме преставуваше свечен чин по кој Општина Дебрца се приближи до другите Општини низ Македонија. Ова е нашата цел и визија преку која Општина Дебрца ќе биде дел од современите Општини низ Република Македонија“. – додаде Трајкоски.

Во наредниот период градоначалникот Трајкоски најави дека темпото на работа ќе биде уште посилно и побрзо,а делата побројни.

WebOhrid