Вчера со турнирите за рекреативни натпреварувачи и за одбојкари до 20 години, започна седмото по ред Отворено првенство во одбојка на песок Охрид 2013.
Рекреативните и јуниорските натпревари се само увертира на професионалниот турнир кој треба да започне од утре и до недела на публиката на плажата Бафало во Охрид да им ја понуди најновата атракција на песок.
На турнирот до сега се пријавени 12 тимови од Македонија, Бугарија, Косово и Албанија.
Од страна на македонските екипи, за највисок пласман се очекува да се борат тимовите на Дејан Симовски и Кристијан Ристевски, кај машките, и Власта Ружиновска и Сандра Георгиевска кај женските.
Минатата година победничките похари ги однесоа косовските екипи Никчи и Хусај, кај мажите и Ибраими и Јашари кај жените. Овие двојки повторно се пријавени за учество и на овогодинешниот турнир и ќе ги бранат титулите од лани.
Директен пренос од женското и машкото финале ќе има на Македонската телевизија во недела со почеток во 18 часот.
Паралелно со професионалниот турнир, викендов ќе се одиграат и натпреварите од компанискиот турнир.