„Се грижиме за топол дом“ е акција што од денеска почна да ја спроведува МТСП во соработка со Црвениот крст на Македонија, а со која ќе бидат опфатени социјално загрозените семејства.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на денешната прес-конференција истакна дека акцијата има за цел да ги задоволи основните потреби од покуќнина, мебел, бела техника, електрични апарати, апарати за домаќинство, опрема за деца, велосипеди и друго на сите граѓани кои не можат да обезбедат средства за купување на овие работи.
Преку оваа акција ќе имаат можност сите граѓани кои имаат вишок мебел, покуќнина и апарати за домаќинство, а не им се потребни, да ги донираат на граѓаните кои им се потребни со што ќе ја покажат својата хуманост и општествена одговорност. Тој ги повика сите граѓани кои имаат можност да донираат мебел, апарати за домаќинство, опрема за деца на социјално загрозени семејства да се јават на бесплатниот телефонски број 080055800 или податоци и фотографии за донацијата да достават на имеил адреса donacija@mtsp.gov.mk.
Граѓаните кои се во социјален ризик и имаат потреба од ваква донација ќе може да се јават на посочениот телефонски број, на имеил адреса или лично да се обратат во центрите за социјална работа или во седиштето на Црвен крст на Македонија.
Кон оваа акција Министерството ги повикува да се приклучат и сите општини во државата, како и компании кои ќе посакаат да се приклучат на овој хуман проект. Досега Министерството меморандуми за соработка потпишало со 25 општини, а очекува и останатите да го сторат тоа.
Акцијата ќе се одвива според принципот „Прв јавен прв услужен“, а воспоставена е и процедура за постапување за учесниците во акцијата. Повиците ќе бидат регистрирани од страна на назначени одговорни лица во Министерството кои ќе водат база на податоци за потребите на граѓаните и точно време на повикот. Одговорните лица, пак, ќе бидат во постојана комуникација со задолжен координатор од месно надлежниот центар за социјална работа и претставникот на Црвен крст при што откако ќе се поврзе донацијата со потребата од донација ќе се организира нејзина достава од страна на Црвениот крст, општината и Асоцијацијата на превозници МАКАМ-ТРАНС кој е вклучен како партнер во акцијата. Во одредени случаи доставата ќе може да ја врши и Министерството за труд и социјална политика за што е распишан и јавен повик. За потребите на акцијата подготвен е видео и аудио спот, а повеќе информации ќе можат да се најдат на веб страницата на Министерството. Откако ќе биде реализирана донацијата на секој донатор ќе му биде врачена благодарница за хуманост од Министерството.
Во врска со случајот со самохраната мајка со две малолетни деца која остана на улица, рече дека на жената и била понудена помош и верува оти ќе биде сместена и ќе се најде решение за нејзиниот проблем.