Изложби, работилници, предавања, музика, дебати, поетски читања, театар, филм, пријателска атмосфера, вистинско освежување и уште многу убава енергија донесе фестивалот „ДримOn“ за стружани, но и за сите оние кои од 24 до 28 јули се најдоа во градот на Миладиновци. Фестивалот кој е првата активност на Здружението Иницијатива за независен културен активизам ИНКА се одржа во петте дена насловени Јаки жени, Ачик Активизам, Збор – два текст, Утрешниот уметник и Урбан Шаман, кои тематски го поделија фестивалот во неколку целини, а ги обединија креативните сили и дадоа нова перспектива на културата и можностите за нејзиното процесирање.
Фестивалот се одржа на Летната сцена при Центарот за култура “Браќа Миладиновци“ во Струга и целта му е да прерасне во активна платформа која ќе делува на остварување и на одржување на постојан проток на создавачка и креативна уметничка сила.
Струга со „ДримOn“ вистински оживеа во аспектот на креативната сфера на уметноста и на културата, а се даде акцент и на потенцијалот кој го носи овој град во однос на квалитетот на живеењето. Организаторите се задоволни од тоа како помина фестивалот, а Кристина Тодороска – Петреска која е дел од ИНКА и еден од иницијаторите за „ДримOn“ вели дека особено значајна им била поддршката која ја добивале од своите сограѓани, од невладиниот сектор, но и од бизнис заедницата.
„Пред фестивалот се прашувавме како ќе помине, имавме сомнежи, но сега сме сигурни дека има публика за вакви активности и дека постои критична маса која е свесна и која навистина делува и помага“, – вели Тодороска – Петреска и додава дека „ДримOn“ е фестивал кој се оствари со помош од самата заедница, без финансии.
„ДримOn“ ги анимираше посетителите на различни нивоа, пладневните активности беа работилници кои ги вклучуваа и најмладите, децата, но и возрасните. Имаше еко работилница со Христијан Томаноски, драмска работилница со Елида Бахтијароска, работилница за дизајн со Горан Ристовски, работилница за мандала и за креативни книги на мемории со Кристина Тодороска – Петреска. Дебатите и предавањата пак, ги собраа на едно место размислувањата и ставовите на интелектуалци и креативци, а во овој дел учествуваа академик Катица Ќулафкова, професорот Небојша Вилиќ, Мерсиха Исмајлоска, Мите Стефоски, Небојша Илијевски, Климентина Илијевски, Алекс Букарски, Маја Танева, Јане Бакре, Марина Анчевска. Во рамки на фестивалот беа претставени и струшките продавачи на активистичкото улично списание „Лице в лице“. Публиката виде изложби на дела од Маја Кировска, Ѓорѓи Крстески, студио „дОМА“, Наташа Гелева, Иван Дургутовски, Ели Аиноска, Билјана Ангелеска, Стевчо Наумоски. Присутните се забавуваа со музика од повеќе бендови, диџеи и изведувачи, а уживаа и во поетските перформанси на Ненад Јолдески и на Васко Марковски. Публиката ги погледна и филмовите на младите македонски режисери – Иван Ивановски, Јане Алтипармаков и на Саша Станишиќ, ја виде претставата „Љубовникот“ од Харолд Пинтер во режија на Ирена Стеријоска, медитираше со јога професорот Ванчо Тасески, а имаше можност и да погледне и да купи ракотворби од базар на уметнички производи кој беше во тек во за време на целиот фестивал.
Тодороска – Петреска кажа дека омилена публика ѝ се децата кои доаѓаа на утринските работилници, но кои продолжуваа да се интересираат и за останатите сегменти од програмата.
„Се чувствуваше таа синергија, граѓаните доаѓаа и самите ни носеа закуски, колачиња, пијалаци. Не само тоа, во пресрет ни излегоа и кафулињата, рестораните, од Центарот за култура ја имавме техничката опрема и просторот, но и самите учесници и пријатели носеа свои материјали кои ни беа неопходни. Успеавме заеднички да направиме фестивал на кој навистина се чувствуваше таа размена на енергии и вредности“, – вели таа.
Тодороска – Петреска нагласи и дека следат низа настани преку активностите на ИНКА и сите кои беа дел од „ДримOn“.
„Стратешки работиме на сите полиња на интерес, како етичкиот дијалог, социјалната инклузија и уметноста и културата. Така, во соработка со Струшките вечери на поезијата и со регионалната платформа за активизам „Лице в лице“ ќе направиме поетски перформанс за да ја доближиме поезијата до граѓаните“, – рече таа.