Претседателот Иванов ја пушти во употреба веб-страницата на АРМ

Денес, претседателот на Република Македонија и Врховен командант на Вооружените сили д-р Ѓорге Иванов, во рамките на работната посета на Канцеларијата за врски на НАТО во Република Македонија, ги посети Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ.

Претседателот Иванов кој на платото пред МО и ГШ на АРМ беше пречекан со воени почести, по средбата во Канцеларијата за врски на НАТО, оствари работна средба со Министерот за одбрана Талат Џафери и Началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески. На средбата со Министерот за одбрана и Началникот на ГШ на АРМ, пред претседателот Иванов беше презентирана новата Web страница на АРМ www.arm.mil.mk, која од негова страна беше симболично пуштена во употреба. Средбата во МО и ГШ на АРМ беше искористена и за запознавање на Претседателот на Република Македонија со тековните активности во МО и АРМ, како и со планот за годинешното одбележување на Денот на АРМ.

Началникот на ГШ на АРМ нагласи дека пуштањето во употреба на Web страница на АРМ претставува историски момент за Армијата, што ќе претставува остварување на заложбите за поголема транспарентност и своевиден ,,прозорец кон светот“ за АРМ и нејзините припадници.