За 34 питомци од 13 – та класа на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ денеска беше извршена свечена промоција во чин потпоручник во скопската касарна „Гоце Делчев“.
Ова е првата класа која дипломираше по обновувањето на дејноста на Воената академија во 2009 година, а првпат по четиригодишно школување офицерски чин стекнаа и 7 припаднички на понежниот пол.
Прворангираната Селма Биберовиќ, во името на целата 13 – та класа вети дека ќе бидат офицери за пример со кои сите ќе се гордеат.
„Млади офицери, драги колеги – успеавме. Не потклекнавме на предизвиците и искушенијата. Со цврста волја и желба го изодивме патот до првата офицерска ѕвезда и при тоа не бевме сами. Постојано ја имавме бескрајната поддршка и помош од нашите родители и приајтели, без кои немаше да успееме“, рече Биберовиќ, која од претседателот и врховен командант на вооружените сили на Република Македонија Ѓорге Иванов беше наградена со пиштол.
Второ и трето рангираниот потпоручник, Миле Костоски и Катерина Златановска, од министерот за одбрана Талат Џафери и началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, добија двоглед и часовник.
Честитајќи им за успешно завршените студии, претседателот Иванов им порача дека тие се иднината на АРМ.
„Како офицери во АРМ имате патриотски долг кон нашата татковина, долг да го негувате заветот што ни го оставија илинеднците, борците од НОБ, завет што е оставен од сите синови и ќерки на Македонија кои ги дадоа своите животи за ние и нашите деца да живееме во мир, напредок и благосостојба“, рече Иванов. Во моментот кога Република Македонија ќе стане полноправна членка на Алијансата, подвлече меѓу другото тој, токму вие ќе бидете нашите македонски НАТО-офицери.
„Како ваш врховен командант, од вас очекувам да внесете нови знаења во структурите на АРМ. Сето она што го научивте во изминатите четири години да го пренесете во командите на единциите на Армијата. Очекувам да придонесете во зацврстувањето на борбената готовност и моралот на нашата Армија“, им се обрати претседателот Иванов и нагласи дека треба да се водат од приниципите градени во АРМ -патриотизам, постојаност и професионалност.
МО имајќи предвид дека човечкиот потенцијал е клучен во одржвуање на современа и високо професионална армија, вложува големи напори за континуиран развој на наставно -научниот процес во воената академија, исткана министерот Џафери.
„Во вас гледаме офицери кои мотивирано, профсионално и вешто ќе придонесат кон развој и унапредувањето на АРМ, и консеквентно на тоа, на Република Македонија“, им порача министерот за одбрана Џафери.
Бидете горди, нагласи началникот на ГШ на АРМ, што ќе бидете дел од институција која ужива највисок рејтинг во Република Македонија, а успесите ги нижи не само во државава, туку и надвор од нејзините граници. Одбравте тешка и одговорна професија, рече генерал-мајор Котески, со која ќе и служите на нашата татковина, професија која бара храброст, ентузијазам и посветеност.
„Сакам да ви порачам во иднина да се раководите со интересите на Република Македонија и инстерсите на АРМ, во постигнување на нејзините стратегиски цели. АРМ е достоинствен, рамноправен и посакуван партнерм, а макеоднскиот војник е препознатлив во светот. Овие достигнувања и оваа борба е борба намојата и вашата генерација“, нагласи началникот на ГШ на АРМ поскувајќи им успех во офицерската кариера.
Инаку, во класата која школувањето во запошна учебната 2009/2010 година дипломираа вкупно 42 студенти, од кои 34 питомци за потребите на АРМ и 8 студенти од цивилните насоки. Од нив, 26 се Македонци, 5 Албанци, по еден Влав, Србин и Бошњак.
Се очекува наскоро по успешно завршените студии, новите потпоручници ќе бидат распределени на соодветни работни места и задачи во МО и АРМ.