Вкупно 6.932 повикувања за советување на родители и ученици во основните и средните училишта се реализирани заклучно со месец јули 2013 година во рамки на проектот на Министерството за образование и наука „Советување на родители-родителска школа“.
Како што информира на денешната прес-конференција министерот за образование и наука Спиро Ристовски од посочениот број советувања остварени во вкупно 219 училишта за изостаноци на ученици се извршени 2.085 (1.208 во основните и 877 во средните училишта), поради намален успех на ученикот 3.726 (2.104 во основните, 1.622 во средните), поради несоодветно однесување на ученикот 260 (245 во основните, 15 во средните) и поради други причини 861 (820 во основните и 41 во средните) советување.
„Родителите се советуваа во групи според сличноста на проблемите на учениците и за време на советувањето тие активно учествуваа и разменуваа искуства за начините на воспитување на децата. Советувањето се спроведуваше во просториите на училиштето во две шеесетминутни средби во период од најмногу две недели, а за целиот процес согласно законските одредби задолежни се психолизите во училиштата. Доколку во нив нема вработено психолог советувањето може да го изврши и педагог“, појасни Ристовски, со што преку почитување на протоколот за постапување родителите се советувани каков пристап да имаат во едукацијата односно во воспитувањето на своите деца.
Според него преку оваа мерка родителите повторно се вклучуваат во системот и се овозможува нивна поголема заинтересираност во развојот на воспитната компонента и нејзина реализација во основното и средното образование.
Министерот Ристовски информира дека во завршна фаза е изработката на прирачници со кои ќе се подготви ваква идентична програма во која покрај работата со учениците преку нивните родители ќе се започне и со директна работа со учениците кај кои по која било основа се забележуваат проблеми во нивниот образовен процес.
МОН започна со реализација на проектот „Советување на родители-родителска школа“ од почетокот на 2012 година што е во согласност со измените на законската регулатива за основното и средното образование во 2011 година, како и усвоениот Закон за педагошка служба.
Целта на проектот е да се советуваат родителите чии деца нередовно посетуваат настава, имаат слаб успех во учењето и манифестираат разни форми на несоодветно однесување, како и советување на самите ученици.
Со проектот пропишани се постапките и начинот на спроведување на советувањето, а беше спроведена и обука со која беа опфатени психолози, педагози и други стручни лица од основното и средното образование за негова реализација.
Проектот ќе продолжи да се реализира и наредната учебна година со оглед дека дава резултати за поквалитетно образование на децата.