За првпат подводни снимки во македонски филм

Откако падна последната клапа на филмот „Деца на Сонцето“, режисерот Антонио Митрикески, заедно со директорот на фотографија Јарек Шода и неговиот тим од двајца полски сниматели, и со екипата од професионалното друштво нуркачи „BOTTOM TIME“ од Охрид снимаа подводни сцени потребни за филмот. Имено, ова е куриозитет за македонската кинематографија, бидејќи за првпат на филм се снимаат подводни сцени со актери. Според приказната на филмот, актерите Владо Јовановски, Мето Јовановски и Билјана Танески, снимија предходно нуркачки сцени, како влегуваат во вода во потрага по непроценливо античко богатство, кое, се крие под Преспанското езеро. Актерите, сепак, снимија само дел од ваквите подводни сцени, а нуркачот Никола Паскали – Попе од Охрид, беше главниот дублер на Владо Јовановски, за посериозните подводни смимања. Александар Вулески пак, од нуркашкото друштво беше главна техничка поддршка на полските сниматели, кои ги направија подводните кадри. Подводното снимање помина беспрекорно. Екипата е презадоволна од снимените материјали.  Едниот дел од сцените беше сниман во близина на кампот Љубаништа, каде што Владо Јовановски ја пронаѓа античката скултура „Златен овен“, која е главен реквизит во филмот и која е од непроценливо богаство и тежи над триесет килограми, а другата сцена под вода беше снимана на изворите кај Дрим на Свети Наум, каде Мето Јовановски нурка за да пронајде големо римско богатство.