Во пресрет на чествувањето на 2 август, Ви го честитам најголемиот национален празник-ИЛИНДЕН, денот кој историски е врзан со вековната борба на македонскиот народ за своја сопствена држава.
Илинден е инспирација и паметник за македонските генерации, ден кога ги славиме и се присетуваме на голем број на револуционери и борци за независна Македонија, кои со својата крв ги испишаа најславните страници од историјата на македонскиот народ. Присетувајќи се на Илинден 1903, како кулминација на вековниот стремеж за слобода и на Илинден 1944 и заседанието на АСНОМ, кога конечно македонскиот народ во антифашистичката борба ја извојува својата слобода и создаде своја држава, ги спомнуваме сите оние јуначки подвизи на знајните и незнајните борци за слобода и сите жртви на нашиот народ за остварување на вековниот сон-да бидеме Македонци во своја сопствена независна држава Македонија.
Денес, генерациски имаме историски предизвик, да создадеме економски силна, национално достоинствена и меѓународно почитувана Република Македонија и економски стабилен и просперитететен Охрид. Тоа ќе го направиме само со посветено и чесно работење, почитувајќи ги националните, културните и историските традиции на македонскиот народ.
Нека ни е честит националниот празник ИЛИНДЕН и нека е вечен Охрид и Република Македонија! – стои во честитката од градоначалникот Бакрачески.