Вечерва со почеток од 20:00 часот во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ Охрид, мал изложбен салон на репертоарот на Охридско лето е „Длум“ меѓународна изложба, екс либрис графики минијатури.
Меѓународната Екс либрис изложба е графичка изложба на која учествуваат 45 автори од повеќе земји од светот како и домашни автори со повеќе од 80-тина дела Екс либрис графики минијатури. Изложбата досега беше отворена во галеријата на Отвореното графичко студио при Музеј на град Скопје и во галеријата при Националниот театар во Гевгелија. Поставувањето на ваков вид на графичка изложба од меѓународен карактер е од огромно значење за нашата графичка сцена имајќи предвид дека се работи за реномирани автори – графичари од Аргентина, Бразил, Индија, Словачка, Египет, Србија, Бугарија и Македонија. Добитник на Гранд При на ова прво издание на Екс либрис Скопје е авторот од Бугарија, Десислав Гечев за делото „Искушение“. Годините поминати во посветено работење и следење на сè она што се нарекува графика и графичка сцена на овие простори како и пошироко на светско ниво, реално ни ја наметнаа потребата од организирање и поставување на еден ваков вид изложба. Иако ова е прва изложба од ваков карактер кај нас, сепак побуди навистина голем интерес кај авторите, без разлика дали се занимаваат само со графика или со некоја друга ликовна дисциплина. Екс либрис, како категорија на ликовно изразување, во светот постои подолго време, но до 19-тиот век кај екслибристите преовладувале исклучително хералдички мотиви. Како специфичен медиум на изразување и како ликовна форма отсекогаш бил интересен за авторите, но дури со појавата на модернизмот и индустриската револуција некаде на самиот почеток на 20-тиот век, екс-либрисот почнува да се третира послободно во ликовна смисла. Оттогаш па сè до денес постојат автори и колекционери кои се посветени на создавање и собирање на овој вид уметност. Оваа изложба опфаќа само мал дел од она што се случува на графичката сцена, но ги отсликува полниот дух и посветеноста на авторите.