По застојот во сообраќајот кај патарината на автопатот Куманово-Скопје предизвикан од гужвите при наплата на патарина од вчера е воведена можност за плаќање и со монети и се отвораат повеќе излези во насоките каде што има најмногу возила.
Ова го информира денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција на аеродормот „Александар Велики“.
Според Јанакиески, во изминатите два дена имало енормен број возила, а долгорочно се преземаат активности за надминување на таквите состојби.
„Во јавноста излезе информација дека не е овозможено плаќање на патарините со евра. Тоа е овозможено, но проблем беше што не се примаа железни монети. Од вчера и тоа е воспоставено како можност за да не претставува застој. Исто така, овозможивме од пет можни рампи четири да се отворени за дестинацијата каде има поголем број возила. Овие два дена имаше енормен број возила како никогаш досега во последните 15 години и затоа имаше таков застој“, рече Јанакиески.
Тој додаде дека надлежните институции ја следат состојбата постојано и оти долгорочно со постапката за модернизација на патарините е предвидено прошируваше на патарините и воведување различни начини за плаќање, со исклучување човечки фактор. Постапката се спроведува заедно со ЕБРД и е завршена првата фаза. До крајот на годината се очекува да биде избран оператор.