Кошаркарската репрезентација отпатува за Хрватска

Во комплетен состав, по приклучувањата на Перо Антиќ и Бо Мекејлеб, нашата сениорска машка репрезентација денеска отпатува за Хрватска, каде утре и во среда ќе одигра два пријателски натпревари со домашниот национален тим.

Единствено Марко Симоновски моментално е надвор од составот на Алеш Пипан поради повреда на прстот на ногата, но и тој ќе се приклучи на подготовките во Скопје на 11 август. Нашата репрезентација минатиот викенд одигра две пријателски средби против Украина и Словенија, а во текот на седумдневните висински подготовки во Крањска Гора, тимот се комплетираше со пристигнувањето на капитенот Перо Антиќ и Лестер Бо Мекејлеб.

Утрово кошаркарите ја напуштија Словенија и отпатуваа за Славонски Брод, каде утре со почеток од 20.00 часот ги очекува првиот од двата пријателски натпревари против домашниот состав на Хрватска. Тој прв натпревар ќе биде пренесуван на ТВ Спорт Клуб (Хрватска), додека втората средба, закажана за среда, ќе се игра во Загреб од 16.00 часот и ќе биде од затворен карактер. Двајцата селектори на тој натпревар ќе имаат поголема можност да испробаат различни тактички варијанти, за подобро воигрување на тимовите во пресрет на Евробаскетот.

Според планот за подготовки, веднаш по завршувањето на натпреварот во Загреб, нашите репрезентативци се враќаат во Скопје и ќе имаат неколку слободни денови. Подготовките ќе продолжат на 11 август во СЦ „Борис Трајковски“, седум дена пред одигрувањето на првиот и единствен пријателски дуел на домашен терен, против Литванија на 17 август. 

На тој натпревар ќе се одржи и церемонија по повод 20 години од првиот официјален натпревар на Македонската кошаркарска репрезентација, на која ќе бидат доделени благодарници и признанија на сите поранешни репрезентативци и селектори, кои имале големо влијание во развојот на репрезентацијата и кошарката воопшто.