Регионални советувалишта за семејство и брак – нов владин проект

Портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев, на денешната прес-конференција истакна дека на минатата седница, Владата на Република Македонија одлучи да се спроведе процес на квалитативно надградување на социјалните служби со предвидување на воспоставување на посебни организациони форми – Регионални советувалишта за семејство и брак, чија цел е подобрување на условите и можностите за остварување на функциите на семејството, промоција на семејните вредности и обезбедување на можности за граѓаните за стручни и професионални совети во врска со надминување на определени предизвици во функционирањето на семејството.

Со оваа реформа се предвидува формирање на 11 Регионални советувалишта за семејство и брак и тоа: Скопје, Велес, Куманово, Гостивар, Кичево, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Струмица, и Свети Николе, и секој од овие регионални центри би ги опфаќал и жителите на помалите населени места кои гравитираат кон нив.

Ова активност се презема како резултат на анализи и компаративни искуства од поразвиените земји во оваа област, со определени адаптации виза ви спецификите во нашата земја. Регионалните советувалишта би покривале материја од целокупната област на семејни прилики, се разбира дека ќе има и посебен фокус на можностите за обезбедување на опстанок на бракот во услови за социјален ризик, но нема да се ограничат само на тоа, туку ќе обезбедуваат совети за сите аспекти на семејниот живот, меѓу другото и за:

-предизвици на родителите во вршењето на родителското право, во смисла на задоволување на развојните потреби на децата преку јакнење на родителските капацитети и градење на вештини за одгледување и воспитување на  своите деца,

-поддршка  на семејствата кои веќе се наоѓаат во одреден социјален ризик, (нарушени партнерски односи, развод на брак, разведени семејства, конфликтни семејства)

-појава на предизвици и развојни проблеми кај децата, проблеми кај младите во прилагодувањето на социјалните и врсничките релации, надминување на конфликтни односи помеѓу  децата и родителите,

-воведување на системски пристап во јакнење на локалните ресурси, преку воспоставување на соработка и координација интрасекторска и  интерсекторска и тоа во: градинките, училиштата, социјалните дејности, здравствените институции итн.

-покрај ова, советувалиштата ќе можат да даваат и услуги во однос на пред брачно советување, по желба на корисниците на услугите.

Барањето услуга во овие Регионални советувалишта согласно закон претежно би била по желба на лицата, а не облигаторно. Советувалиштата ќе работат со родителите, со децата и заедно со родителите и децата, зависно од проблемите и потребите на конкретното семејство и зависно од оценката на стручниот тим, за начинот и пристапот на работа по конкретниот предмет.

Она што е значајно да се истакне е дека во Регионалните советувалишта ќе работат најстручните лица од центрите за социјална работа кои се со поголемо работно и стручно искуство на решавање на проблемите во бракот и семејството и кои се докажале со позитивни резултати во работењето, и дека работата во овие Регионални советувалишта би се одвивала во две смени, што обезбедува поголеми можности за нивно посетување во услови на потреба но и поголема дискреција на лицата кои ќе ги посетуваат. Услугата која ќе се добива во овие советувалишта би ја давале стручни лица од област на педагогијата, психологијата, правото и социјалните работи во зависност од предизвикот кој се решава, конкретниот  предмет и потребите на лицата кои побарале услуга, и услугата ќе биде бесплатна со што семејствата или лицата на кои им треба услугата не би биле изложени на трошоци како што тоа е случај во приватниот сектор во оваа област.

Регионалните советувалишта би работеле и како помош на центрите за социјална работа, за упатување на посложени предмети, односно како помош во работењето со оние премети каде што стручниот тим на центарот за социјална работа кој работи на одреден предмет, ќе оцени дека е потребна поголема стручност и за кои ќе оцени дека е потребно да се посвети повеќе внимание и време за надминување на проблемите.

Носител на целокупната активност е Министерството за труд и социјална политика, кое во периодот што следи преку Заводот за социјални дејности ќе изработи посебна програма за работа на регионалните советувалишта која ќе се базира на задржување на бракот, разбирањето за детето во контекст на неговото семејство и заедница, при што ќе бидат вклучени и надворешните влијанија врз семејниот систем, внатрешните конфликти и комплексната динамика помеѓу членовите на семејството, по што би се започнал и непосредниот процес за отворање на Регионалните советувалишта, што се очекува етапно да започне во месец септември.

Исто така, за континуирано подобрување на степенот на професионална услуга и стручноста на лицата кои ќе работат во Регионалните советувалишта ќе се преземат серија на обуки за вработените по најсовремени светски стандарди, а ќе се допрецизира и подобри и регулативата која ќе обезбеди полна дискреција на лицата и состојбите во врска со лицата кои бараат професионална услуга од советувалиштата.

Овој пристап и оваа реформа ќе донесе повеќе придобивки за општеството, се овозможува бесплатна и стручна и професионална поддршка на лицата на кои им се потребни услуги од област на надминување на предизвиците во контекст на семејството и бракот, со цел унапредување на промоцијата на семејните вредности.