Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски им донираше опрема (фудбалски топки и спортска опрема) на екипите од Супер и Првата лига (пионерска, кадетска и младинска конкуренција). На теренот во комплексот „Куќа на фудбалот“ донација примија претставници на повеќе од 100 екипи кои се натпреваруваат во системот на Фудбалската федерација на Македонија.
„Ние го реализираме тоа што го прифативме како наша обврска. Развојот на младинскиот фудбал е нашиот приоритет и ќе се обидеме и во иднина да им ја дадеме целосната поддршка и помош на клубовите кои посветуваат големо внимание на фудбалската иднина. Доколку сегашноста им припаѓа на денешната генерација фудбалери, нема дилема дека нашиот влог и заложба ќе се движат во насока на развојот на фудбалот од најмалите категории, се до почетокот на професионалнта кариера“, – истакна Претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.
По доделувањето на опремата се одиграа два селективни натпревари за фудбалери родени 1999 година. Целта на стручниот тим во федерацијата е да се изберат најдобрите кандидати за место во репрезентацијата на Македонија до 15 години. Селекцијата на вршеа селектори на младите национални тимови и координаторот Зоран Стратев.