Јубилеј 25 години „Вечери на Живко Чинго“

На јубилејните 25 години од „Вечерите на Живко Чинго“, синоќа општина Охрид и Месната заедница Велгошти на достоинствен начин го чествуваа делото на великанот на Македонскиот роман и расказ, големиот Македонски раскажувач, романсиер и драмски писател Живко Чинго.

Делегации на општина Охрид, Месната заедница Велгошти, политички партии, здруженија на граѓани и поединци положија свежо цвеќе пред споменикот на писателот.

По прекрасните звуци на групата „Мерак“ , во прекрасниот амбиент на атаратот на црквата „Света Петка“ пред присутните се обрати претседателот на Советот на општина Охрид, д-р Гордана Коњановска.

„Почитувано семејство на Живко Чинго, почитувани домаќини, пријатели и гости,

Како и секоја година, така и оваа, на овој ден го чествуваме ликот и делото на најголемиот македонски раскажувач, голем човек и пријател Живко Чинго. Токму овде, во кругот на манастирот Св. Петка уште еднаш, Општина Охрид заедно со Месната заедница од Велгошти ја организира оваа манифестација во знак на вечното помнење на големиот книжевник. Ова секавање ќе го обновуваме секоја година со што ќе покажеме дека овој македонски раскажувач никогаш нема да биде избришан од нашата меморија.

Со манифестацијата „Вечери на Живко Чинго“, исполнуваме дел од обврската да го почитуваме творечкиот дух на сите великани кои оставиле белег во богатата историја на Охрид. Во агендата на Општина Охрид секогаш ќе бидат оние кои придонеле Охрид да биде запамтен, а Живко Чинго е меѓу првите.

Конкурсот за најдобар расказ, кој Општина Охрид традиционално го објавува секоја година се издигна во врвот на македонските книжевни манифестации. Секоја година добиваме се поголем број на раскази и конкуренцијата е се поголема што покажува дека ликот и делото на Живко Чинго се слави на најсоодветен начин. Неговото творештво се вреднува на врвот на македонската литература, а преку преводите е дел од светското книжевно наследство.

Ние, како одговорен дел на сегашноста, вечерва, од овде од предворјето на манастирот „Св. Петка“, местото од кое има прекрасен поглед на Охрид и Големата вода, на идните генерации им оставаме аманет да го читаат и слават творештвото на врвниот раскажувач и голем човек, нашиот Живко Чинго“. – се обрати Коњановска.

Претседателот на Советот, во рамките на манифестацијата, ја врачи наградата за првонаградениот расказ  од општинскиот литературен конкурс на авторот Петре Димовски.

Овогодинешниот добитник на наградата „Живко Чинго“, Петре Димовски, пенизионираниот книжевник од Битола, одржа беседа за Чинго.

За крај, традиционално, следуваше настапот на домаќините КУД „Иинден“ со сплет од народни песни и ора.