Министерот за одбрана Талат Џафери и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија генерал мајор Горанчо Котески денеска, во рамки на одбележувањето на Денот на АРМ – 18 Август, се сретнаа со поранешните началници на ГШ на АРМ и пензионираните генерали.
Со оваа активност, им порача министерот Џафери, покажуваме дека вие не сте заборавени, туку напротив, вашето искуство е добредојдено.
Началникот на ГШ на АРМ, Котески, посочи дека денешниот ручек е начин за споделување на информации и мислења поврзани со процесите за развој и трансформација на АРМ.
„Вие оставивте белег во АРМ, вие сте мои и наши учители. Армијата е и ќе остане ваша куќа“, рече генералот Котески во обраќањето пред пензионираните генерали.
На средбата, на која присуствуваа и заменик министерот за одбрана Емил Димитриев, заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал мајор Насер Сејдини, државниот секретар Сашо Стефановски и директорот на ГШ на АРМ бригаден генерал Димче Петровски, пензионираните генерали беа информирани за достигнувањата на АРМ на полето на реформите и трансформацијата, моментниот статус на единиците, како и предизвиците на АРМ во наредниот период.
Генерал-мајор во пензија Илија Николовски, претседател на Здружението на ветерани и резервисти од одбраната на Република Македонија оценувајќи ја средбата како корисна, упати забелешка за стандардот на АРМ и нагласи дека целокупната економска ситуација во државата се одразува и на армијата.
„Стандардот на Армијата е на многу ниско ниво. Мислам дека 1994/95 година за некои работи војската беше поопремена во однос на секојдневни работи како што се униформа и храна“, изјави Николовски.
Според него, ако сме се определиле за членство во НАТО и ЕУ, буџетот за одбраната треба да биде поголем, затоа што, главен носител на реформите во државата е АРМ односно одбраната.
„Вие знаете дека на примопредавањето на должноста поранешниот министер за одбрана Фатмир Бесими му посака на новиот министер да ги облече војниците во униформа, што е контрапродуктивна изјава“, смета генерал-мајор во пензија Илија Николовски.
Во Домот на АРМ, а како дел од активностите за одбележување на Денот на Армијата, отворена беше и изложба на фотографии од позначајните настани во Министерството и во АРМ, од животот и работата на припадниците на АРМ, како и на поголем број плакети, значки, монети, армиски признанија, ознаки.
Во рамки на поставката, првпат се изложени знамиња на единиците на АРМ кои не се во употреба, додека истовремено првпат пред јавноста е изложено и највисокото одликување – Орденот за воени заслуги, кој се доделува од страна на претседателот на Република Македонија.
Изложбата, која беше отворена од министерот Џафери и генералот Котески, а посетена и од заменик-министерот Димитриев и пензионираните генерали, ќе биде отворена за посетители до петок, 16 август.