Браќата Мојсоски, Дарко Станиќ, Филип Миркуловски, Петар Ангелов, Никола Митревски, Ванчо Димоски и останатите спортисти, членови на ракометниот клуб „Металург“ ги ставија своите потписи и откупија дел од последните примероци од актуелниот, петти број на активистичкото списание „Лице в лице“. Магазините со потписи од ракометарите ќе бидат поделени на вечерашниот натпревар во рамки на 41. Меѓународен ракометен турнир „Струга 2013“.
Ракометарите ги потпишаа и преостанатите примероци од петтиот број, кои струшките продавачи на магазинот, Илче, Јасмина, Игор и Петрит ќе ги понудат на граѓаните за време на 41. Меѓународен ракометен турнир „Струга 2013“, кој завршува денес, но и по неговата завршница, во градот крај Дрим.
„Важно ни е „Металург“ како клуб да се вклучува во акции за помош на граѓани, и групи на кои тоа им е потребно и тоа го правиме веќе подолг период. Сметаме дека придонесуваме, го свртуваме вниманието на јавноста кон оние луѓе на кои помошта им е најпотребна. На продавачите на „Лице в лице“, пак, во исто време им го даваме потребното внимание и ги охрабруваме во нивната работа“, – рече Горан Ѓоргоноски, маркетинг директор на „Металург“.
Оваа поддршка од ракометарите доаѓа по иницијатива на “Металург“, откако Наумче Мојсоски се фотографираше за нашиот магазин како дел од акцијата за поддршка „И јас читам `Лице в лице`“. Фотографијата со Мојсоски е објавена на последната страница на петтиот број на списанието.
„Лице в лице“ се обидува да им го смени животот на младинците од улица, на бездомниците, на лицата со посебни потреби. Да им помогнеме на продавачите на списанието да бидат успешни! Заедно можеме повеќе!“, – кажа Мојсовски во поддршката за магазинот.
Од клубот најавија поддршка за продавачите на магазинот и за следните броеви на „Лице в лице“.
„Лице в лице“ на крајот на неделава ќе го промовира и новиот, шести број, а промоцијата ќе биде во рамки на Струшките вечери на поезијата.