Седмиот натпревар во планински велосипедизам одржан во Куратица

      Вчера (недела) во организација на Велосипедскиот Клуб Екодром, месна заедница на село Куратица и ВФМ, по втор пат на падините од планината Мазатар во чии долови е сместено селото Куратица се одржа седмиот натпревар во планински велосипедизам за бодовната листа од сезона 2013. 

     Временските услови, повеќе од одлични по вчерашното невреме. Велосипедистите изненадени од чистиот планински воздух на 1.100 м.н.в. а патеката идеална за трка, набиената влажна земја без прашина наговестуваше брзи времиња на натпреварувачите. Џагорот и вревата сред село, дополнително ја зголемија странските туристи кои уште во раните утрински часови се упатиле по падините на Мазатар да уживаат во звуците на недопрената природа, на прошетка со магариња по што селото е препознатливо во туристичката понуда, надополнета со традиционална Македонска софра.

     За старт се пријавија вкупно 34 велосипедисти, подготвени да си ги измерат сили во вкупно 6 категории. Во 11:30 часот судиите го означија првиот старт за категоријата на рекреативци – Хоби, а во 12:30 стартуваа лиценцираните. Натпреварот помина во одлична атмосфера и навивачки дух на публиката која цели три часа ги бодреше велосипедистите. Новина на патеката претставуваа вештачките препреки од трупци и камења, од кои се очекуваше да ги успорат натпреварувачите, но се случи токму спротивнотото. Севкупно подобрени времињата од минатата година, победникот во категорија на Елит Зоран Шишкоски од ЕБТС – Скопје, за 1мин. и 47 секунди, побрз од минатогодишниот победник, а за 4мин. и 46 секунди го подобрува своето второпласирано време од минатата година, со што остварува просек од 13 мин. по круг на патеката во должина од 3,4км. Најбрз на патеката Јован Јованоски од Екодром – Охрид. Иако се натпреварува во категорија на Јуниори, Јован патеката од 3,4км за 5 круга ја вози со просечно време од 11мин. и најбрз прв круг од 9мин. и 46 секунди, со што го постави новиот рекорд на патеката.

     Најуспешен клуб на трката со севкупно освоени 8 медали е домаќинот, Охридскиот Екодром, на втора позиција со 5 медали е Енерџи од Скопје, а на третата позиција е Свиок од Радовиш. Индивидуалниот успех на велосипедистите според судиската комисија е следен:

Елит – Сениори

1-во Зоран Шишкоски – ЕБТС, Скопје

2-ро Бленди Троци – Екодром, Охрид 

3-то Александар Ѓуровиќ  – Енерџи, Скопје

Јуниори 

1-во Јован Јованоски – Екодром, Охрид

2-ро Петар Упевчески – Екодром, Охрид

3-то Бојан Митев – Свиок, Радовиш

Кадети

1-во Новица Велјаноски – Екодром, Охрид

2-ро Влатко Рабаџиски – Свиок, Радовиш 

3-то Филип Петрески – Екодром, Охрид

Мастерс 

1-во Љубиша Кондев – Енерџи , Скопје

2-ро Стојан Хаџиефтимов – Свиок, Радовиш

3-то Владимир Микиќ – Енерџи, Скопје

Жени 

1-во Анета Антовска – Енерџи, Скопје 

2-ро Јана Коцевска – Енерџи , Скопје

Хоби

1-во Михаил Тасески, Охрид

2-ро Лазар Трцоски, Струга

3-то Маријан Кузманоски,

       Осмиот натпревар во Планински Велосипедизам е закажан за Недела 01.09.2013, во организација на Велосипедскиот Клуб Спедбајк од Кичево кој воедно ќе претставува  промоција на ново трасирана патека.