Земјоделците до 20 септември можат да аплицираат за субвенции

Портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев, на прес-конференција истакна дека на вчерашната седница Владата на Република Македонија ја разгледуваше состојбата во областа на земјоделието и земјоделските субвенции, при што врз основа на барање на земјоделските здруженија и на земјоделците беа донесени три одлуки кои се во нивен интерес и ги подобруваат можностите и условите за искористување на земјоделските субвенции кои земјоделците ги добиваат од страна на државата.

Прво, Владата донесе одлука за продолжување на рокот за аплицирање за добивање на земјоделски субвенции од Програмата за субвенции за 2013 година, со тоа што претходно поставениот рок кој беше 31 август 2013 година сега се пролонгира и новиот рок е 20 септември 2013 година. Значи до овој нов рок 20 септември 2013 година сите земјоделци кои ги исполнуваат условите ќе може да ги поднесат своите апликации и тоа за сите видови земјоделски култури за кои следуваат субвенции согласно програмата. Продолжувањето на рокот за дваесетина дена е оптимален период кој од една страна ќе им помогне на земјоделците да ги поднесат на време своите апликации затоа што добиваат дополнително време за припрема и поднесок, а од друга страна нема значително да ги помести роковите и процедурите за обработка на истите овие поднесоци од страна на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

Второ, Владата одлучи земјоделците кои поднеле апликации, но не успеале да добијат субвенции од Програмата за субвенции за 2012 година, а кои се на број околу 500 земјоделски субјекти, а не ги добиле субвенциите затоа што ги немале подмирено надоместоците за пашарина или водарина, да може да ги добијат овие субвенции од Програмата за субвенции за 2013 година, за што најдоцна до 31 октомври оваа година ќе треба да ги подмират заостанатите трошоци за пашарина и водарина заради кои не добиле субвенции од претходната програма и да поднесат посебно барање до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, барање кое може да се подигне во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Се разбира дека на овие субјекти, покрај оваа им останува и можноста да аплицираат и за добивање на субвенции и за новото производството кое го опфаќа Програмата за субвенции за 2013 година.

Трето, на иницијатива и на барање на земјоделците кои произведуваат градинарски култури домат, пиперка и краставици во контролирани услови, односно во оранжерии, за 50% се изврши намалување на висината на претходно пропишаните количини кои овие земјоделски производители треба да докажат дека ги продале на домашен или меѓународен пазар во периодот од 1 јануари до 15 мај во тековната година за да добијат дополнителни директни плаќања од 90 000 денари по хектар за родовите домат, пиперка и краставица кои се произведуваат во контролирани услови(оранжерии), средства кои овие земјоделски производители ги добиваат дополнително од основните директни плаќања кои ги добиваат за основно производство и кои изнесуваат 30 000 денари по хектар.

Овие три одлуки, кои се резултат на директни барања на земјоделците, ќе бидат од исклучителна важност за земјоделците, ќе помогнат во реализација на нивните можности и ќе обезбедат подобри услови за да ги добијат заслужените пари од својата работа.