Од последната четврта транша на кредитната линија од сто милиони евра од Европската инвестициска банка досега се искористени 71 милион евра, во тек на повлекување се осум милиони евра, а дваесетина милиони се очекува да бидат искористени до крајот на годината. Премиерот Никола Груевски денеска најави дека Владата веќе ги финализира разговорите и за повелкување нова линија од 100 милиони евра од ЕИБ.
„Досега од последната четврта транша на оваа кредитна линија се искористени 71 милион евра, во тек на повлекување се осум милиони евра, мислам дека во септември компаниите што ги очекуваат ќе ги добијат, и дваесетина милиони евра се очекува до крајот на годината да се искористат. Во исто време Владата веќе ги финализира разговорите со банките, со Европската инвестициска банка за повлекување нова кредитна линија од 100 милиони евра чија што камата ќе биде субвенционирана, како и оваа“, изјави Груевски.
Очекувањата, според него, се дека некаде околу нова година овие поволни кредити ќе им бидат на располагање на македонските фирми така што ќе нема некој сериозен застој при завршувањето на сегашните средства и повлекувањето на новите евтини средства
„Во овие тешки времиња, најпрвин светска економска криза, а потоа и на европска должничка криза, кога каматите растат заради тоа што растат и ризиците, ова е практично на некој начин давање можност за кредити на македонските фирми по многу ниски камати за наши услови од 5,5 отсто што за наши услови е прилично ниска камата“, изјави Груевски.
Кредитната линија од сто милиони евра, која што се користи во моментов, додаде тој, е практично главниот извор за финансирање за сите фирми во Македонија.
„Од она што знам од банките, тие кажуваат дека 99 отсто од кредитите што ги даваат се всушност преку оваа кредитна линија што Владата ја обезбеди и чија што камата ја субвенционира и изнесува 5,5 отсто“, рече премиерот одговарајќи на новинарско прашање.