Денес во касарната „Илинден“ во Скопје, се одржа свеченост по повод примопредавањето на должноста командант на полк за специјални операции (пСО) на АРМ. Должноста командант на пСО од бригадниот генерал Павле Арсоски ја прими полковник Васко Ѓурчиновски кој досега ја извршуваше должноста аѓутант на Претседателот на Република Македонија.
На свеченоста присуствуваа: министерот за одбрана Талат Џафери, заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини, командантот на здружената оперативна команда (ЗОК) генерал-мајор Методија Величковски, претставници од министерството за одбрана и ГШ на АРМ, команданти на потчинетите команди и единици и други гости.
Во своето обраќање пред присутните, министерот Џафери честитајќи им ги новите должности на генералот Арсоски и полковникот Ѓурчиновски, го искажа задоволството што присуствува на свеченоста по повод примопредавањето на должноста командант на пСО, кој претставува конгломерат на се она што денес се врзува за АРМ, нагласувајќи ги професионализмот, вештините, дисциплината, мотивираноста и патриотизмот како атрибути кои ги красат припадниците на оваа единица.
Генералот Сејдини обраќајќи се на новиот командант на пСО порача дека е потребно да се продолжи со понатамошниот развој на обученоста и оспособеноста на пСО, како и одржување на рејтингот ,,секогаш најдобри“, а најдобра гаранција за тоа тој ги наведе стручноста, знаењето и военото образование на припадниците на единицата.
Досегашниот командант на пСО, бригадниот генерал Павле Арсоски истакна дека е привилегија да се раководи и командува со единица како што е пСО и дека секоја доделена задача се извршува масимално квалитетно, а на секој нов предизвик единицата одговара со уште повисоки перфоманси, нагласувајќи го изградениот професионализам. Новиот командант на пСО, полковникот Васко Ѓурчиноски истакна дека времето, општествените услови и безбедносните предизвици не обврзуваат да продолжиме со целосна посветеност кон остварувањето на нашите национални интереси и дека нашето државно и воено раководство имаат целосна почит и доверба кон пСО како најелитна единица во АРМ, заради што треба безрезервно да ја оправдаме довербата на нашите претпоставени.
Досегашниот командант на пСО, бригадниот генерал Павле Арсоски со Указ на Претседателот на Република Македонија е поставен за командант на Првата механизирана пешадиска бригада во рамките на ЗОК.
Во дваесетгодишниот развој, специјалците на АРМ со исполнувањето на многу предизвици, мисии и задачи, дадоа силен печат во професионализацијата на АРМ, на тој начин градејќи силна традиција и култ на единицата, достојни за почит.