Еден од приоритетите на Министерството за култура е заштитата на културното наследство, преку реализација на повеќе проекти за обнова и конзервација на фасади во позначајните градски јадра во Македонија …
Во рамките на проектот за зачувување на архитектонско-стилските вредности на градските јадра и соодветен третман на споменичното наследство во Охрид заврши третата фаза од конзервацијата (факсимилна обнова) на репрезентативниот објект од охридската староградска архитектура, Куќата на Ајри Доко.
Конзервацијата на Куќата на Ајри Доко започна во 2011 година, кога поради сериозните оштетувања на темелите, објектот беше урнат. Градежните работи продолжија во 2012 година кога беа оформени приземјето и катот од објектот, а оваа година е поставена дрвена покривна конструкција и е пристапено кон оформување на фасадата на објектот. За наредната година останува да се постави надворешната столарија, да се дообработи фасадата на катот од објектот и да се изведат внатрешните преградни ѕидови.
Реализацијата на проектот за конзервацијата на овој значаен споменик на културата лоциран во стариот дел на градот е во соработка со Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.
Претходно во Охрид во рамките на повеќегодишниот проектот целосно е завршена санацијата на фасадата на Куќата на Бојаџиеви. Двете зданија ја претставуваат во полно светло охридската староградска архитектура и урбанистичките концепции од 19-от век.
Со реализацијата на овој повеќегодишен проект ќе се даде придонес кон зачувување на архитектонско-стилските вредности на градските јадра и ќе се овозможи соодветен третман на споменичкото наследство.