Обединетите нации и Министерството за надворешни работи, во партнерство со Центарот за социјално-иновативни проекти со седиште на ФИНКИ, распишаа Конкурс за социјално-иновативни проекти „Смисли нешто – остави трага“, којшто е отворен за сите граѓани и невладини организации.
Конкурсот се објавува по повод одбележувањето на 20-годишнината од членството на земјава во ОН и со него се бараат иновативни решенија за три значајни развојни предизвици: родова еднаквост, подобрување на здравствените услуги во руралните средини.
Министерот за надворешни работи Никола Попоски и в.д. постојаниот координатор на Обединетите нации во Македонија Бертран Демулан и деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) Димитар Трајанов на прес-конференција соопштија дека од родовата еднаквост се бара иновативно решение што ги става младите во преден план при справувањето со предизвикот на родовите стереотипи, се бара иновативен начин за приближување на здравствените услуги до руралните средини, а во однос на заштитата на животната средина иновативен начин за подигнување на свеста кај домаќинствата во врска со рециклирањето електронски и електрични уреди и апарати.
Целта на конкурсот е да се поттикнат поединците и организациите од граѓанското општество да ги искористат своите вештини и да се посветат кон решавање на социјалните предизвици, пред се преку примена на технологија за постигнување на општествено добро. Предност имаат решенијата што се базираат на колективно учество, социјални мрежи и мобилна технологија или услуги, но добреодојдени се и други видови иновативни решенија. Предлог-решенијата треба да бидат фокусирани на подобрување на животот на граѓаните, особено на ранливите групи и заедниците до кои потешко се стигнува.
Ќе бидат одбрани тројца победници, а секој од нив ќе добие можност да го развие својот предлог-проект во прототип, во соработка со ОН и Центарот за социјални иновации, а ќе се покријат трошоците во висина од најмногу 1.500 долари. Предлог-проектот што најмногу ќе им се допадне на членовите од комисијата што ќе ги оценува предлозите ќе добие парична награда од 500 долари.
Сите заинтересирани можат да се пријават директно на интернет страницата www.ostavitraga.mk, на англиски или македонски јазик. Секој што се пријавил ќе добие електронска потврда дека предлог-проектот е примен. Крајниот рок за доставување предлог-проекти е 3 октомври.