Потпишан меморандум за соработка за отворање Институт за спорт

Развојот на спортот и отворање институт за спорт доаѓа како логичен свет на сите активности што ги презема Владата на Македонија во изминативе години за популација на спортот, изјави ректорот на УКИМ Велимир Стојкоски на денешното потпишување на Меморандумот за соработка за отворање на институт за спорт.

„Отворањето на институтот ќе даде едно ново светло на целата наука содржана во спортот преку следење на најновите научни достигнувања и имплементирање во работа со спортистите“, рече Стојковски.

Тој нагласи дека УКИМ со својот капацитет и заедничка поддршка на Агенцијата за млади и спорт и Министерството за образование ќе биде на висината на оваа задача за успешно имплементирање на Институтот за спорт.

„Спортот во дваесет и првиот век е длабоко вткаен во науката и научните сознанија и далеку се разликува од она што било пред 30 – 40 години“, посочи ректорот.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Александар Пујовски кажа дека со овој меморандум се втемелува формирањето на Институтот за спорт при Факултетот за физичка култура што претставува еден од сегментите предвидени во програмата за развој на спортот на Македонија донесен од страна на Владата.

„Институтот ќе треба да даде придонес при носењето стратешки одлуки врзани за спортот и физичкото воспитување, како и да овозможи стручна поддршка на националните спортски федерации и спортските клубови во делот на врвниот спорт“, изјави Пујовски.

Министерот за образование Спиро Ристовски нагласи дека ова е историска можност да се придонесе до поголем развој на спортот во Македонија.

„Со формирањето на овој институт ќе добиеме кадри кои ќе бидат обучени по сите светски нормативи и кои наученото на Факултетот за спортска култура ќе го пренесат на учениците како правилна насока за нивниот натамошен физички развој и спортски живот“, рече Ристовски.

Како на останатите институти, посочи министерот, така и на Институтот за спорт ќе се применуваат домашни научни истражувања од областа на спортот и дека ќе се трансферираат и светските научни сознанија од оваа област.

„Институтот е еден вид продолжение на спортската гимназија која ја воведовме минатата година во средното училиште за физичка култура. Во оваа спортска академија се образуваат кадри кои во иднина ќе ја претставуваат Македонија на сите големи спортски натпреварувања“, изјави Ристовски.

Додаде дека иднината на спортот во сите негови сегменти почнувајќи од тренажниот процес па се до однесувањето на спортските терени започнува во спортската гимназија, а ќе продолжи на Институтот за спорт.