Пановски: Спроведен уште еден процес во интерес на заштита на нашите заеднички природни ресурси

Билатералниот Секретаријат како носител на активноста за изготвување на Номинација за прогласување на регионот Охрид–Преспа за биосферен резерват на УНЕСКО, успешно заврши уште една од своите мисии. Имено, номинационата форма за ставање на Охридскиот и Преспанскиот регион и на македонска и на албанска страна под заштита на УНЕСКО е веќе изработена и се чека само состанокот на МАБ Комитетот кој ќе се одржи на 12 Септември во Скопје и потписот на документот кој треба да го стават македонскиот и албанскиот преставник во Билатералниот Секретаријат. 

„Номинацијата е акт кој ќе биде доставен до седиштето на УНЕСКО во Париз по кој очекуваме работните тела на УНЕСКО во временска процедура да донесат одлука за прогласување на Охридско-преспанскиот регион за Биосферен резерват со посебни режими и зони за заштита и зони за активно управување. На номинациониот документ работеше стручен тим  од Македонија и Албанија заедно со меѓународни експерти. За изработка на номинациониот акт поддршка со потпис дадоа сите градоначалници од регионот како и надлежните Министерства а Владите на двете земји формираа и МАБ (човек и биосфера) Комитети. Уште еден процес во интерес на заштита на нашите заеднички природни ресурси е спроведен“, – истакна Дејан Пановски, македонски претставник во Билатералниот Секретаријат.

Биосферните резервати во светот се атрактивни туристички и научни дестинации. Како што вели Пановски, реткоста која ја пружа нашиот регион со две езера, национални паркови и природни ендемизми е ненадминлива. 

„Затоа капата на заштита под УНЕСКО која сакаме да ја прошириме во регионот преку статусот Биосферен резерват има исклучителна важност. По очекуваното добивање на статусот ќе биде изработен и план за управување со Биосферниот резерват. Со сите предизвици кои ги имаме останува непроменет приоритетот  на регионот да му дадеме се пошироко светско значење што ќе го зголеми степенот на долготрајна заштита на природните вредности, но и степенот на креирање придобивки за заедницата“, – рече Пановски.