Континуирана едукација, подобрување на знаењата и вештините се целите на новите електронски курсеви што од идната година ќе бидат задолжителни за државните службеници.
Како што рече денеска министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, секој вработен во администрацијата годишно ќе треба да помине минимум 30 часа електронска обука.
„Со тоа очекуваме ефикасноста, љубезноста, транспарентноста и услугата на јавната администрација да бидат на многу повисоко ниво“, истакна Ивановски, промовирајќи го системот.
Проектот е изготвен со британска поддршка, а ќе стартува на крајот од 2013. Први ќе го користат вработените во Министерството за информатичко општество и администрација.
„Не верувам дека електронското учење може да го замени формалното, но е одлична дополнителна алатка чија придобивка е огромната достапност до информации и флексибилноста“, рече британскиот амбасадор Кристофер Ивон кој присуствуваше на промоцијата.
Курсевите се поделени на лекции за кои државниот службеник ќе има на располагање и македонска и странска литература. По секое завршување ќе се полагаат испити и ќе се доделуваат сертификати.