Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и турскиот министер за труд и социјална сигурност Фарук Челик денеска во Анкара потпишаа Договор за соработка од областа на трудот, социјалната сигурност и вработувањето.
Овој Договор претставува продолжување и натамошно унапредување на соработката меѓу Македонија и Турција во областа труд и социјално осигурување.
Министерот Спасов по потпишувањето истакнал дека на овој начин ќе се воспостави соработка во креирањето и имплементирањето на политиките во областа труд, вработување и социјална сигурност со што, како што посочил, ќе се обезбеди создавање подобри услови за живот на граѓаните на двете пријателски земји.
„Соработката ќе се одвива преку размена на искуства и знаења за тековните состојби во наведените области, но и за стратешките планови за во иднина, се со цел долгорочно решавање на проблемите и подигнување на квалитетот на животот на граѓаните на Турција и Македонија“, истакна Спасов.
Договорот ги опфаќа и темите-права од работен однос, искоренување на детскиот труд, безбедноста и здравјето при работа на работниците, трудовата инспекција, политиките за вработување и следење на развојот на пазарот на трудот, професионалната рехабилитација на лица со попреченост и социјалната сигурност.
Македонија и Турција веќе 13 години успешно го спроведуваат Договорот за социјално осигурување, со кој македонските и турски државјани ги остваруваат правата од здравственото осигурување и здравствената заштита, пензиското и инвалидското осигурување, каде се вклучени правото на старосна пензија, правото на инвалидска пензија, правото на семејна пензија, остваруваат право на осигурување во случај на несреќа на работа и професионална болест, право на осигурување во случај на невработеност и додаток за деца.