По повод одбележувањето на четвртата годишнина од бродската несреќа, што се случи на 5- ти септември 2009- та година, денеска, делегација на општина Охрид, предводена од претседателката на Советот, Гордана Коњаноска, претставници на Амбасадата на Република Бугарија во Република Македонија и претставници на граѓански здруженија, положија свежо цвеќе на спомен обележјето подигнато на градскиот кеј, во чест на трагично погинатите петнаесет бугарски туристи. На местото каде што потона бродот „Илинден“, во близина на авто- кампот „Елешец“, делегациите пуштија меморијален венец во водите на Охридското Езеро, посакувајќи, во иднина, никогаш и никаде, да не се случуваат вакви несреќи.
Бродската несреќа се случи на 5- ти септември 2009 година во 10 часот и 35 минути на околу 200 метри од брегот, во близина на авто-кампот „Елешец“, кога потона бродот „Илинден“. Во несреќата загинаа 15 бугарски туристи, но благодарение на пожртвуваноста на капетанот на бродот и присебноста на посадите на бродовите „Александрија“ и „Кристина“ и други храбри граѓани, беа спасени останатите 38 туристи од Бугарија кои се превезуваа со бродот.