Договорено стратешко партнерство помеѓу Националните олимписки комитети на Бразил и Македонија

Во Рио де Жанеиро, во канцелариите на Бразилскиот олимписки комитет беше потпишан договор за стратешко партнерство, заедничка поддршка и унапредување на работата на Националните спортски федерации помеѓу Националните олимписки комитети на Бразил и Македонија.

Пред потпишувањето на договорот беше одржана консултативна средба помеѓу претседателот на Бразилскиот олимписки комитет (БОК) и член на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), г-динот Карлос Њузман, пот-претседателот на БОК и член на ИОК, Бернард Рајзман, спортскиот директор на БОК, Маркус Винисиус и Генералниот секретар на МОК, д-р Сашо Поповски. На средбата присуствуваше и националниот селектор на најдобрата одбојкарска репрезентација во светот, Бернардо Рајзигер.

На оваа средба помеѓу претходно споменатите, беше заклучено дека е потребно најнапред направениот олимписки план за периодот 2013-2016 да се адаптира , усвои и потпише од страна на Националниот олимпски комитет, националните спортски федерации и државата и да се пристапи кон размена на експерти за детална изработка на стратешкиот план за секој спорт поединечно. Во следната фаза треба да следи размена и до-едукација на тренери, судии и научни експерти од областа на врвниот спорт како и заеднички подготовки на спортистите од Бразил и Македонија во подготвителниот период како и пред периодот на големите спортски настани. Договорено беше и корситење на искуствата на Бразил во насока на подготовки, добивање и организација на врвните спортски настани, пред се како земја-домаќин на голем број светски првенства во периодот 2013-2016 како и домаќин на Олимписките игри во 2016 година, кои ќе се одржат во Рио де Жанеиро.

imgMOK_1