Во последните неколку месеци, бројот на туристите во Португалија порасна за близу 10%, пред се, благодарение на странските туристи. Според податоците од португалското Министерство за економија, приходите од странските туристи во првата половина од оваа година забележале пораст за 8,2%, на 3,7 милијарди евра.
Бројот на туристите од Шпанија бил помал за 3,8%, но зголемен од Америка за дури 16,8%, од Германија зголемен за 14% и од Франција поголем за 10,8%.
Според извештаите на португалскиот Државен секретаријат за економија, туризмот во бруто домашниот производ учествува со 9,2%, а според зборовите на министерот за туризам на Португалија, туризмот претставува сектор кој најмногу придонесол за излегувањето на Португалија од рецесијата.
По две и пол години во рецесија, Португалија во второто тромесечие од оваа година, забележа економски раст од 1,1%.
Во првото полугодие, Португалија ја посетиле 3,6 милиони странски туристи, а според претседателот на Здружението на туристички работници, немирите во Египет и Тунис и тоа како имале значајна улога во изборот на дестинација за летување.